Кај има пари, има и решение

Американска банка до американското обвинителство: А да ви дадеме 3 милијарди долари да не ни досаѓате веќе?

Ова е понудата што ЈПМорган ја даде за подмирување на повеќе ревизии и истраги што во моментов Министерството за правда ги спроведува во банката. Од друга страна, неименувани извори од министерството тврдат дека ЈПМорган ќе треба да плати милијарди и милијарди над понудените пари за да добие спогодба за случаите.

Се уште не е јасно за кои од актуелните истраги би сакал ЈПМорган да постигне договор. Меѓу обвиненијата кои ја чекаат банката се е недозволена продажба на хипотеки во периодот пред финансиската криза и ангажирање роднини на високи кинески функционери.

Минатата недела банката се согласи да им плати отштета од 920 милиони долари на американските и британските власти за еден случај со манипулирање на берзите.

Заедно сосе последните 920 милиони долари, годинава банката плати околу 3,68 милијарди долари за решавање на спорови. За парничење во 2010-та, 2011-та и 2012-та тие платија вкупно 17,3 милијарди долари.

Нето приходите на компанијата во 2012-та беа: 21,2 милијарди долари.

27 септември 2013 - 12:18