Администрацијата на Хавиер Милеи признава дека неодамна извршила трансфер на злато во странство, меѓутоа не открува колку злато, ниту која е целта на оваа одлука, ниту пак каде завршило тоа злато. Слично шкрта со информации е и Централната банка на Аргентина.
Еден од стравовите е дека Аргентина има долгови кон голем број држави и со оваа одлука се ризикува запленување на златото. Пример, во 2019 Банката на Англија одлучи да не ја прифати легитимноста на владата на Николас Мадуро и и забрани пристап до 30 тони злато што Венецуела го има депонирано во Британија.
Друг е дека во ситуација кога земјата е во финансиска криза, не е паметна или е барем сомнителна одлуката златото да се вади од земјата.
Одлуката не е официјално соопштена од владата или од Централната банка, туку дојде од работничкиот синдикат на банката, предводен од левичарскиот пратеник Серџо Палазо, кој по основа на Законот за пристап до јавни информации побарал информација околу наводен транспорт кој бил извршен со Бритиш Ервејс.
Пред да истече рокот за давање информација по барањето на Палазо, министерот за економија Луис Капуто потврдил дека е спроведена операцијата, правдајќи ја како позитивен потег, со кој наместо парите да дремат во Централната банка, сега во странство ќе бидат искористени за добивање приходи од нив.
Ел Паис потсетува и на една изјава на Милеи кој наговести дека трансферот на злато е една од опциите за земјата да добие привремен заем. Милеи тврди дека Аргентина веќе има доволно долари за да ја плати ратата долг кон странство што стасува во јануари 2025 и која изнесува 1,6 милијарди долари. Според Милеи привремениот заем ќе и дозволи на Аргентина да исплати дополнителни 3 милијарди долари странски долг.
„Доколку ова е целта на трансферот на златото во странство, тогаш кладбата на владата е дека тоа ќе доведе до смиреност на финансиските пазари. Што пак, теоретски, ќе го намали ризикот на земјата, што ја спречува да стигне до нови кредитни линии. Од друга страна, вртејќи се кон златото, тоа покажува дека Аргентина нема доволни ликвидност и сега е присилена да се сврти кон своето најголемо богатство,“ пишува Ел Паис.