Лесно е да се разбере желбата да се подржуваат „добри“ компании, наместо оние аморални лакоми фирми кои бараат само профит. Тоа создава чувство на исправност и праведност. Но, како тоа изгледа во пракса?
Компании со највисоки ЕСГ метрики (ESG - environmental, social and governance), особено на еколошката страна, се оние кои имаат релативно ниско ниво на јаглерод по килограм приход. Тоа по дефиниција ги прави „зелени“ финансиските услуги, здравството и дигиталните компании . Спротивно на тоа, фирмите за градежни материјали, ѓубрива или енергија се „кафеави“. Инвестирањето во ЕСГ има за цел да ги поттикне „кафеавите“ компании да ги намалат своите емисии.
Една нова студија покажува ироничен пресврт, дека инвестирањето во ЕСГ е контрапродуктивно во пракса.
Било истражувано влијанието врз животната средина на преку 3.000 големи американски компании помеѓу 2002 и 2020 година. Се покажува дека пониската цена на капиталот на зелените компании не води до намалени емисии, што е логично, бидејќи фирма како Спотифај и онака не е голем емитер и нема многу што емисии да намалува. Од друга страна, кафеавите компании имаат и до 260 пати поголемо влијание врз животната средина.
Спротивно на тоа, кога кафеавите компании се гладни за капитал, тие стануваат уште повалкани за да избегнат банкрот.
„Кога ги казнувате кафеавите фирми, тие почнуваат да размислуваат краткорочно, за да преживеат“, пишува истражувачка од Јејл „а тоа значи помалку капитал за зелените технологии“.
Зелените инвестициски агенди можат да имаат и други несакани последици. На пример, напорите да се спречи ново домашно производство на нафта и гас во Обединетото кралство, резултираа само со увоз на скапи јаглеводороди (често од помалку демократски места како Блискиот Исток или Русија).
На човештвото сè уште му требаат добрата произведени од еколошки непријатни компании. Ѓубрива се неопходни за да се нахранат милијарди луѓе, градежни материјали за да се решат станбените кризи.
Во меѓувреме, според Светската здравствена организација, 3,2 милиони луѓе годишно умираат од загадување на домашниот воздух од горива како керозин за греење и готвење. Тоа е затоа што немаат струја. За овие луѓе, дури и валканите електрани на јаглен би биле подобра алтернатива.