Лани Швајцарија имаше инфлација а од 3.5%, за неа рекордна во последните три децении. Стапката е висока за нивни стандарди, но е далеку под двоцифрените стапки наоколу (во еврозоната е 10.6%).
Главен чинител на таквиот имунитет е тоа што зборуваме за една од најбогатите земји на светот, и како држава и како поединци. Има БДП што го надминува оној на САД, Јапонија и Германија, а просечно богатство на човек е 696.604 долари. Тоа значи дека тие граѓани трошат помал процент од своите примања на основни намирници и домување, па оттаму и помалку се засегнати од растот на цените.
Друг клучен фактор е стабилноста на швајцарскиот франк, моќен поради силните покритија во злато, обврзници и финансиски средства и затоа важи за „безбедно пристаниште“ во финансики неммирни времиња.
И увозот- извозот им е балансиран. Увезуваат 302 милијарди долари годишно, главно од комшиските земји-членки на ЕУ (при што силниот франк им годи) а извезуваат 305 милијарди долари годишно.
Дополнително, Швајцарија помалку зависи од увозот на гас и нафта во однос на некои други европски земји, благодарение на хидроелектраните. А имаат 1.500 езера. Швајцарските снабдувачи со енергија се најчесто во јавна сопственост, што значи дека се помалку изложени на екстремните хирови на пазарот, а поподложни на строги ценовни регулативи.
На крајот од 2022-ра година, цените на енергенсите во Швајцарија пораснаа за 16,2% - под нивоата со кои се соочија нивните главни конкуренти како Германија (25%), Холандија (30%), Обединетото Кралство (52,3%) и Италија (64,7%).
Покрај енергијата, Швајцарија има строга контрола врз цената на добрата и услугите, што ги прави помалку подолжни на флуктуации предизвикани од инфлација. Од основните производи кои се користат за мерење на инфлацијата во еврозоната, вклучувајќи ја и храната, домувањето и транспортот, во Швајцарија на регулирање подлежи речиси една третина, повеќе одошто во која било европска земја. Цената на храната во земјата порасна за годишна стапка од 4% во декември минатата година, споредбено со 11.9% во САД, 16.9% во Обединетото Кралство и 19.8% во Германија.
Швајцарската национална банка очекува годинава инфлацијата да се спушти 2.4% а догодина на 1,8%.