Откако беше одглавен, Евер гивен беше испратен во Големото горко езеро каде требаше да му биде направена рутинска инспекција на мегабродот од 220.000 тони и од тогаш не е мрднат од таму.
Второто заглавување на бродот е по правна основа, бидејќи египетските власти задолжени за управување со Суецкиот канал бараат надомест од 1 милијарда долари за спасување на бродот.
Во меѓувреме екипажот ги извршува секојдневните обврски околу одржувањето на бродот, неговата безбедност и подготвеност веднаш да тргне на пат, меѓутоа не можат ништо да преземат околу над 700 милиони долари вредниот товар кој дреме во контејнерите на бродот. Дел од тој товар веќе е и неповратно уништен (главно храна), а дел е прашање дали некогаш ќе стигне на своите крајни дестинации.
Самиот брод е во сопственост на јапонска компанија, која го има изнајмено на тајванска фирма, осигурен е од британски брокер, а управуван од индиски екипаж, и сето тоа под знамето на Панама.
Во правната битка ситуацијата е следна: заглавувањето на Евер Гивен се должи на песочна бура. Меѓутоа според египетски закон СЦА, агенцијата надлежна за управување со каналот, која им дава насоки на капетаните за управување низ каналот, не е одговорна за штетата што може да му се случи на некој брод при минување на каналот. Од друга страна, осигурителната компанија на Евер гивен, П&И клуб, тврди дека иако капетанот е одговорен за бродот, навигирањето во конвој е контролирано од СЦА и од сервисите за менаџмент на сообраќајот.
Првото рочиште на кое ќе се решава ова е закажано на 4 јули, чисто за да им се овозможи на двете страни да пробаат вонсудски да се договорат.
Евер гивен требаше да се вкотви на пристаништето во Ротердам уште на 3 април и од таму товарот да биде транспортиран низ остатокот од Европа.
Еден од проблемите околу товарот е што и тие што го пратија и тие што го чекаат најверојатно ќе треба да ги покријат „општите просечни“ трошоци кои се опфатени со поморските закони и предвидуваат дека во случај сопственикот на бродот да претрпи загуба заради општо добро, сите, вклучително и тие што ги примаат пратките, ќе треба пропорционално да ги поделат трошоците.