Бонусите беа ограничени на максимум двојно повеќе од основната плата со потег на ЕУ во 2014 година иако и тогаш Британците се противеа. Со ова Унијата се обиде да го обесхрабри прекумерниот ризик што придонесе за големата финансиска криза во 2008 година.
Критичарите на ваквата одлука тврдеа дека банките можат лесно да го заобиколат лимитот со едноставно зголемување на основните плати. Но, потоа беше отежнато намалувањето на платите кога банкарите имаа лоши резултати.
После Брегзит, Британија ја смени регулативата а уште пред две години се најавуваше дека бонусите ќе бидат ослободени за да зајакне конкурентноста на Лондон како финансиски центар и полесно да се привлекуваат таленти од САД и Азија.
„Овој пристап ни дава поголема флексибилност да управуваме со фиксните трошоци и да го поддржиме Обединетото кралство како атрактивна арена за талентираните“, соопштија Голдман Сакс.
Промената нема да биде добредојдена од сите банкари; дел од нив преферираат паричните награди да им бидат внесени во платата наместо во бонусите кои зависат од перформансите.