Главниот конкурент на АлиЕкспрес целиот профит го вложува во земјоделство

Алибаба му бега на Пиндуодуо за околу 120 милиони корисници месечно (863 наспроти 740 милиони корисници) и планот на овие вториве е оваа разлика да ја надополнат со помош на земјоделство.

Во август Пиндуодуо објави дека ќе инвестира 1,57 милијарди долари во земјоделска програма „за справување со критичните потреби на земјоделскиот сектор и руралните предели.“ Програмата опфаќа секакви механизми, вклучително и можност за финансирање на земјоделско-технолошки стартапи, грантови за фундаментални истражувања и обука на кадар.

Програмата нема да биде водена од профит, напротив компанијата вети дека целиот профит од вториот квартал „и секој потенцијален профит во идните квартали ќе биде пренаменет за програмата“.

Вака дарежливата иницијатива освен што изобилува со филантропија делумно се толкува и како обид на Пиндуодуо преку борбата со сиромаштијата во руралните краеви на Кина да удоволи на повикот на Пекинг за „споделен просперитет“ во кој кинеските власти ги укорија тамошните милијардери да почнат малку повеќе да го делат своето богатство со остатокот од популацијата, ако не сакаат истото да им биде одземено.

Пиндуодуо првично започнува како он-лајн продавница за овошје, пред да почне да го зголемува бројот на категории. Платформата дозволува мали земјоделци да отворат своја продавница и таму директно на купувачите да им ги нудат своите производи, наместо да одат преку прекупци. Како дел од понудата, секој нов член добива обилна обука за користење на продавницата и за промоција на сопствениот бренд. Секоја нарачка ја презема трета компанија која ја врши испораката директно до купувачот, па земјоделецот не мора да мисли на тоа. Дополнително Пиндуодуо објави дека целосно се откажува од својата провизија во корист на земјоделците.

Освен со земјоделците, Пиндуодуо ќе почне да работи и со повеќе институти како дел од нивниот обид за имплементирање на индустриски стандарди за месо и житарки.

6 декември 2021 - 14:39