По двата дена во Конгресот цената на акциите на Фејсбук порасна за 5%, со што пазарната вредност на компанијата се зголеми за над 24 милијарди долари. Ова е првиот раст на вредноста на акциите на Фејсбук од почетокот на скандалот кон средината на март.
Од сторијата на Гардијан до моментот пред сведочењата, кои траеа вкупно 10 часа, вредноста на Фејсбук беше намалена за речиси 80 милијарди долари. Иако компанијата има уште за враќање, новиот раст се толкува како сигнал дека берзата ги има олабавено своите стравови.
За време на двете сослушувања, прашањата се движеа од најосновни околу бизнис моделот на компанијата, до тоа како функционираат системите на Фејсбук, што и како се прави со личните податоци, за рекламите и слично.
„Законодавците често покажаа недостаток на разбирање за тоа како функционира Фејсбук и многумина отворено признаа дека им треба помош и поддршка од компанијата во пишување на закони што треба да ја покријат нејзината индустрија,“ пишува Еши Нелсон.
Од друга страна, Закерберг со сведочењето ем ги тргна од глава законодавците и јавноста, ем не кажа ништо посебно ново што на кој било начин би и наштетило на компанијата, додека во исто време ги избегна некои од најпроблематичните прашања.
Според Фактсет, компанија која изработува програми за аналитика на инвестиции, над 90% од сите брокери моментално препорачуваат купување на акции во Фејсбук.