Паралелено со подготовките за почеток на преговорите во остатокот од европското друштво, во јануари јапонската банка Ракутен Европа започна со тргување во Луксембург, а нови две кинески банки Евербрајт и Пудонг дивелопмент веќе разгледуваат започнување со работа во војводството.
Она што се знае е дека брегзит сигурно ќе натера дел од компаниите и финансиските институции да се префрлат од островот на континентот, и во ваква ситуација Луксембург (според луѓе од земјата) "претставува најдоброто позиционирано практично решение".
"Лондон ќе го задржи својот статус на меѓународен финансиски центар. Ама ќе мора да научи да работи како швајцарските банки, со национални претставништва, вон своите граници," објаснува директорот на агенцијата задолжена за развој на финансискиот сектор на земјата, Том Теобал.
Предностите врз кои "се продава" Луксембург е дека земјата уште од 1970-тите работи на замена на својата металуршка индустрија со финансии, како и тоа дека речиси 550-те илјади жители на земјата уште од основно учат француски, германски и англиски јазик. Освен ова земјата одамна функционира како логистичка или заднинска канцеларија за странски, приватни и јавни инвестициски компании.
Луксембург уште во 1970-тите стана првата европска земја во која се отворени исламски, а потоа и кинески банки. Во 2002 во земјата веќе имаше 6 кинески банки преку кои одеа над 69% од сите кинески инвестиции во Европа.
За дополнување на впечатокот, тие прво планираат сегашниот корпоративен данок од 29,5% до 2018 да го намалат на 26,5%, а преку земјата веќе се одвиваат онлајн плаќањата на Амазон пејментс, Пејпал и Ибеј. Во земјата се сместени и два стартапи кои во реално време ги обработуваат исплатите преку Биткоин.