До сега при секое постигнување на таргетите вработените на Јунајтед, кои помогнале во тоа, добиваа бонус од 300 долари.
По ново, истиот подвиг, наместо со загарантиран бонус ќе се наградува со загарантирано вклучување во кварталната лотарија на компанијата. Премијата е 100.000 долари, потоа има 10 Мерцедес-Бенз автомобили, 20 одмори од 20.000 долари, 30 одмори од 10.000 долари, 300 добивки од 5.000 долари, и 1.000 добивки од 2.000 долари.
Иако наградите изгледаат крајно примамливо, кога ќе се собере вкупниот број награди се добива бројка од 1.361 награден вработен. Авио-компанијата моментално вработува 89.000 луѓе, што значи дека „повеќе од 87.000 луѓе ќе останат без бонуси без разлика колку добро и одело на компанијата или колку напорно работеле.“
„И тоа не е сè. Со цел да се квалификува за лотаријата, тој или таа мора да има совршено присуство на работа. Вработените на кои им е укинат 3-месечниот бонус од 300 долари сега мора и болни да се појавуваат на работа за да добијат шанса да бидат извлечени,“ се објаснува во текстот за новиот систем на наградување на Јунајтед ерлајнс.
Дури стариот систем да опфаќаше и само половина од вработените во Јунајтед кои се под синдикат (45.500), на нив годишно ќе беа потрошени 54,6 милиони долари. Со лотаријата, без разлика колку богато изгледа, Јунајтед годишно ќе потроши само 18,8 милиони долари, со што ќе извади заштеда од над 35 милиони долари од бонусите на вработените.