Балонот не е пукнат, ама на Менхетен се продаде зграда со попуст од 97,5%

Се работи за зграда од 23 ката, за која е проблематично дека е полна само 35% и тоа главно затоа што работодавците не можат да ги убедат вработените да дојдат на работа.

Истата оваа зграда, 135 Вест, во 2006 е продадена за 332 милиони долари. По сите правила на пазарот, економијата и финансиите, таа денес би требало да чини барем 500. Наместо тоа, минатата недела зградата беше продадена на онлајн аукција за 8,5 милиони долари.

Во изминатите неколку години на Менхетен неколку згради се продадоа со сериозни попусти, некои и за половина цена од тоа што претходните сопственици ги платиле.

Како што пишува Њујорк тајмс „и тоа на пазар кој допрва треба да го допре дното.“

И покрај тмурното расположение на пазарот со недвижности, ниту брокерите, ниту аналитичарите на пазарот, до сега не паметат друга голема зграда на Менхетен да се продаде со толкав попуст како 135 Вест.

Градежникот чиј татко ја поседува зградата до 2006, објаснува дека иако таа можеби не е најдобриот имот, сепак е солидна зграда. Според него ваквата цена ја одразува новата реалност за канцеларискиот сектор на Менхетен, во која компаниите се повеќе прифаќаат хибридна и далечинска работа, а бидејќи вработените не одат повеќе во канцеларија, најголем дел од зградите не се сметаат за безбедна инвестиција.

Симболиката на 135 Вест е што таа го претставува мнозинството еднолични канцелариски згради на Менхетен, изградени во 1960/70, кои зафаќаат по половина блок и до сега во нив биле сместени некои од најголемите американски компании.

„Со децении ваквите згради беа столбот на канцеларискиот сектор на Менхетен. Меѓутоа денес, тие ја изгубија својата привлечност и вредност,“ пишува Тајмс.

Досегашниот сопственик на зградата, УБС Реалти, не успеа да ја продаде за 50 милиони долари, па ја стави на лицитација. Лицитацијата се отвори на 7,5 милиони долари. На неколку секунди пред крајот пристигна првата и последна понуда од 8,5 милиони долари. Првично понудата е одбиена, за потоа да биде прифатена од сопственикот. По ова аукцијата е продолжена уште три пати, за на крај со нула дополнителни понуди да биде затворена на 8,5 милиони.

Зградата што ја купи за 332 милиони долари УБС Реалти ја продаде за само 2,5% од вредноста.

Компликацијата околу зградата е што новиот сопственик го купи објектот, но не и земјиштето под него, кое е во сопственост на друга компанија за недвижности што наплаќа месечна кирија за истото. Киријата што сопствениците на зградата ја собираат со денешната исполнетост не е доволна за да се плати лизингот за земјиштето, кој ќе се зголемува на секои 5 години и завршува во 2123.

135 Вест има вкупна површина од над 85.000 метри квадратни. Таа е една од зградите со најмал број закупувачи на Менхетен.

Аналитичарите проценуваат и дека новиот сопственик ќе треба да реновира и унапреди голем дел од објектот, што би чинело меѓу 200 и 300 долари по квадратна стапка (околу 2 до 3 илјади по квадратен метар).

Секако сопственикот може да реши и да ја сруши и да изгради нова, но тоа би чинело барем стотици милиони долари. Нејзината адаптација во станбен простор исто така би била со астрономска цена.

6 август 2024 - 10:21