Американскиот суд не дава Илон да добие поголема плата

Судот во Делавер одбива да дозволи на Илон Маск да му биде исплатена платата што ја има договорено со Тесла и веќе е прифатена од компанијата. Според судијката Илон не заслужува плата од милијарди долари.

Се работи за план за надомест на Илон кој е договорен уште во 2018. Ова е втор пат како судијката во случајот го одбива барањето како претерано, тврдејќи дека бордот на Тесла бил непримерно под влијание на Маск кога го прифатил истиот.

Во прашање е најголемата плата, исплата, компензација што некогаш му е дадена на американски директор. Првичната вредност на акциите што Тесла требаше да му ги исплати на Илон за добри резултати во работењето беше 2,6 милијарди долари. Сега истиот овој пакет акции вреди 101,5 милијарди долари.

Иако пресудата значи дека бордот на Тесла ќе треба да даде нов предлог, од таму порачуваат дека ќе ја обжалат пресудата и понатаму бараат нивната одлука за компензација да биде прифатена и дозволена.

Процесот го започнува еден акционер на Тесла кој го обвинил бордот дека не бил доволно независен при изгласувањето на планот за компензација на Илон. Во јануари истата судијка одлучи дека акционерот е во право и не го дозволи предлогот.

Во јуни на годишното собрание на акционери, предлогот беше повторно изгласан и повторно пратен кај судијката да го провери. Таа одлучи дека ни второто гласање на акционерите, не е основа за одобрување на предлогот за компензација, под објаснување дека никакво гласање на акционери не може да биде искористено за да се промени судска одлука.

Судијката на адвокатите на тужителот им доделува награда од 345 милиони долари. Иако се работи за сериозна сума, таа е далеку пониска од нивното барање да им биде компензирано со 29 милиони акции на Тесла, или некои си 10 милијарди долари по денешна цена.

3 декември 2024 - 12:04