Враќањето на вработените во канцеларија е дел од програмата што ЦЕО-то Енди Џаси ја објави за поедноставување на работните процеси во компанијата. Истата програма предвидува и сериозно кратење на слоевите менаџмент кои се наталожиле низ годините.
Дел од ветераните на Амазон со години алармираат дека во компанијата станува сè потешко да се истера работа, што заради размислување, што заради непотребни состаноци и секакви неопходни одобрувања.
Истото ова во својот допис до вработените го споменува и Џаси, кој пишува:
„Пред-состаноци за пред-состаноците за состанокот за носење одлука, долг ред на менаџери кои се чувствуваат како да треба да ревидираат цела тема пред да напредуваат, автори на иницијативи кои се помалку сметаат дека треба да дадат препорака бидејќи одлуката ќе биде донесена на друго место.“
Џаси ќе воведува и линија за дојава на проблеми со бирократија на која вработените ќе може да алармираат за непотребни процеси кои се одвиваат во компанијата.
Она што највеќе ги потресло вработените е одлуката дека од јануари ќе треба по 5 дена во неделата да доаѓаат во канцеларија. До сега компанијата и вработените се мољакаа за 3 дена неделно. Исклучок од ова ќе има за вработените на кои менаџерите веќе им одобриле целосно далечинско работење.
Најголемиот дел од 1,5 милиони вработени на Амазон работат на подигање, пакување и испорака на нарачки, и за нив работата од дома никогаш не била опција.
Сепак компанијата во својот пик имаше и околу 350.000 канцелариски вработени. Овие промени важат главно за нив.
Процената е дека ќар од оваа промена ќе имаат и градовите во кои се наоѓаат канцелариите на Амазон, како Сиетл, Арлингтон, Остин, Бостон, Нешвил и Сан Франциско, во чиј центар конечно ќе почне да се враќаат луѓе и да заживува.