Адидас го прави тоа поинаку

Најк има огромен маркетинг буџет и галантно им потпишува милионски чекови на спортски супер ѕвезди. Пума за маркетинг одвојува уште повеќе од Најк. Дава и Адидас, но пропорционално, помалку од нив. Ама затоа германската фирма има други финти.

Пред 10-тина години, во светот на спортските обувки владеело уверување дека решавачки критериум во купувањето патики се нивните "технички спецификации". Се додека на битен семинар на еснафот, еден човек не им понуди размислување надвор од шемата.

"Телефонот има 72 функции. Отприлика 50 повеќе отколку што му се битни на купувачот", рекол данскиот бизнис консултант Микел Расмусен, коосновач на тогаш малата консултантска фирма Ред.

Заинтригирани од пристапот, од Адидас им нудат соработка и денес се смета дека стабилниот раст на фирмата во голема мерка се должи на иновативниот пристап наметнуван од Ред.

Најк останува лидер на пазарот, но зад него добро се држи Адидас, подобро од својот градско-светски ривал Пума (Адидас и Пума се фирми основани од двајца родени браќа, во баварскиот град Херцогенерау).

Најк великодушно им потпишува милионски чекови на спортски супер ѕвезди за да ги рекламираат нивните производи. Пума процентуално одвојува уште поголем дел од своите пари за маркетинг а приходите ги вади и од својата кежуал облека.

Адидас има посмирен маркетиншки пристап и работи со помал буџет. Но, не штеди на Ред а тие велат дека е најважно да се разбере корисникот.

Затоа ангажираат професори, антрополози и етнолози кои ги проучуваат мотивациите на потрошувачот. Овие истражувачи некогаш буквално живеат кај корисникот (како во феноменалниот филм Kitchen Stories), појадуваат со него, одат на трчање со него, прават сè за да разберат што го тера да вежба.

Во еден проект на Ред, одбраната мостра испитаници биле замолени да го фотографираат она заради кое најмногу вежбаат. Од 30 жени, 25 одговориле со фотографии од мал црн фустан.

Драгоцени биле и екстензивните истражувања на професионалните и аматерскиот состав на спонзорираниот клуб Баерн од Минхен. Ред утврдиле дека сите добри спортски клубови на своите играчи им нудат истоветен тренинг за нивните фудбалски вештини. Она што најмалку може да се навежба е брзината. Затоа, му предлагаат на Адидас да преработи една своја атлетска патика во копачка. Копачката во 2010-та станува инстант хит, копачка со која се постигнати убедливо најмногу голови на светскиот куп.

Дизајнерите на Ред работат и на униформите на домаќинот на Олимписките игри во Лондон а се ангажирани и за следното светско првенство во фудбал во Русија. Истражувајќи го профилот на современиот национален идентитет на Русија, утврдиле дека Русите не се горди на ништо што се случило подоцна од 1970-та година. Затоа и во решенијата ќе одат со Гагарин и Достоевски.

Адидас има поставено амбициозни планови за зголемување на профитите. Но пристапот на компанијата се чини дека влева доверба. Ројтерс неодамна извршил сондирање на мислењето на експерти и ниту еден од 34-те вклучени аналитичари не предложил продавање на акциите на Адидас.

24 август 2013 - 14:06