Зошто некој од Белград би живеел и работел во Приштина?

Дечкото, не можејќи да најде работа во Србија, одлучува да ги спакува куферите и да појде во Приштина. Во текстов објаснува колку животот таму му е добар. Но и колку сознанието дека и по 16 години од војната е полесно да дојде некој од Белград или од друг српски град отколку од северна Митровица за раат да живее во Приштина е поразувачко.

Работам во приватна фирма како преведувач во центарот на Приштина, каде и живеам. Среќата сакаше по завршениот факултет да не можам (а можеби потсвесно и не сакав, кој ќе го знае) да најдам каква било работа во Белград. Од логички аспект, нема апсолутно никаква логика Србин и некој кој реално нема никакво животно предзнаење за Косово да замине и да работи таму.

Кон Албанците меѓу кои живеам и работам постои, генерално, во Србија постои повеќевековна недоверба, која се отсликува во целосната негација дека Албанците некогаш би можеле да бидат рамноправни соговорници на кое и да е ниво. Во колективната свест на нашиот народ и понатаму постои таа претпоставка дека Албанците се добри соседи сè додека прават пецива и сладолед. Колку пати сум чул „Јес’ да е Шиптар, ама лебот му е ко од злато. Нема пецива без нив, што да ти кажам". На страна опсесијата со белиот леб на Балканците, но тој стереотип доволно зборува за тоа колку на спрскиот народ му е длабоко всадено во свеста дека Албанците имаат одредена улога која мораат да ја одиграат.

Да нема забуна, и добар дел од албанското население не е поинаку поставен кон Србите. Парадоксално е што младите се најмалку подготвени да ја менуваат научената слика за Србите како крвожеден народ. Во секое нормално европско општество студентите се тие кои ги буткаат општеството напред, кои рушат предрасуди кои им се наметнати. Студентите се тој недопирлив, но огнен мотор на промена на ставовите секаде вон Балканот.

На Косово, барем кога станува збор за историската недоверба со Србите, тоа уште го нема. Младите, како што ми се чини, остануваат длабоко посветени на зачувувањето на релативно доминантната (со исклучоци секако) митологија, според која сè српско е зло, крвожедно, милошевичко и нешто на што не треба да му се верува. Има секако и напредок, но тоа и понатаму е недоволно за да посведочам за некакво сеопшто историско помирување.

Зошто тогаш се одлучив за Косово? Ме интересираше секогаш како живее „другата страна" (што и да значи тоа). Без оглед дали се работи за друга вера, нација, јазик, секогаш ме копкаше како тоа живеат „тие". Кога таа вродена љубопитност ќе се најде рака под рака со многу лошата работна атмосфера во Београд (премногу ултра-квалитетни млади дипломци со многу подобри социјални мрежи од мене), немаше друг избор - оди каде што е полесно да се вработиш. Не, бре, не во општина, во Приштина!

Кој и да се движи низ Приштина, во истиот момент сфаќа дека градот и општеството се длабоко поделени целини. Ваквата поделба (како што тоа го налага и слободниот пазарен капитализам) е пресликан во економскиот систем на класни поделби. Постојат две основни класи - домашни и меѓународни работници. Домашните потоа се делат на другари-членови на партии (кои имаат сигурна државна работа) и другари опозиционери (кои, логично, немаат таква работа). Сите потоа се делат на оние кои имаат врски во фраерската паушална економија и оние кои, сироти, немаат никаде никого и кои се осудени како Сизиф да го истуркаат месецот со минималец или со социјална помош, само за од први сето тоа да го почнат од почеток. Социјален дарвинизам, evil Балкан, но на стероиди.

Меѓународните службеници сепак се поинаква категорија. За нив важат поинакви правила на работа и однесување. Некаде во сето тоа сме и ние, работници вон Косово, но од бившата заедничка распадната држава. Ние сме меѓународни локалци или локални меѓунаротци, како било. Нашата предност е во тоа што нас не нè дерат за кирии како овие „вистинскиве странци" (знам и самиот дека станче на Сончев брег не може да вреди 250 евра па дури и газдата да ме заспива со милозвучни песни со лира), таксистите не можат да нè дерат од автобуска до центар за пет евра, но доволно сме странци да не знаеме како функционира изборниот систем, ниту пак да нè допира како се вади извод од матично. Што ќе каже - живееме на чардак ни на небо, ни на земја. Вистинска парадигма на нашата намачена балканска стварност.

Животот во Приштина е повеќе или помалку сличен на оној во Белград. И во Белград и во Приштина сум аутсајдер. Кога минувам низ Белград го гледам истото што и во Приштина - кафичите се полни, масите ги красат ливчиња од кладилница, а бутиците се полни со истиот кинеско-италијански треш стил од источна Европа. На Косово сепак од скоро е протеран тутунот од кафичите - радувајте се, непушачи. Србија уште каска по тој тренд. Државата да направи нешто.

Кога некој ќе ме праша „Како е во Приштина?" мојот одговор секогаш е - бизарно. Две анегдоти сами ја раскажуваат приказната. Да не постоел Балканот требало да го измислат, како предупредување на сите колку ништо не е онакво какво што изгледа. Лик, кој инаку издава неколку станови, ми се жали во доверба дека жена му му се дере, вели дека многу трошел на кладилница. Ми се жали во доверба, „Абе само Партизан да не заебеше туку убаво да одиграше 3+ против Рад како што требаше, би се извадил. Не вреди, сега морам пак на него да се вадам, све црно-бело да му ебам“.

Друг пат еден таксист кога слушна од каде сум, вади членска карта (важечка!) од СПС и вели: „Друже, јас порано бев полицаец, му бев лојален на Милошевиќ, не кријам, и тука наебав. Ме пензионираа во 2000 набрзина". Што да се каже?

Додека не смислиме како да ги искористиме на еден прагматичен начин сите предности на работње кои си ги нудиме едни на други (а таквите можности се огромни), нам во канцеларија ни останува и понатаму да се прозиваме по партиска линија кога се расправаме околу греалката. „Гаси ја бре, жешко е, да не ти ја викнам сега власта да ме брани, јас сум малцинство, а сега сме во коалиција!". Или ако на некого од вас со белградска регистрација почнат да му викаат „Ооооо БЕЛГРАЃАНЕЦ!" немојте да се плашите, тоа е само колегата што го заразив со „Ќе се вратат штрковите".

Сепак не е сè толку весело колку што изгледа. Самото тоа што се движам во поинаков круг луѓе, за мене и на мене сличните важат поинакви правила. Од работа, преку дружење, однесување и необврзни муабети. Но самиот факт дека во Приштина е полесно да довлечеш луѓе од Белград и од други српски градови (или како туристи или за работа), отколку од северниот дел на Митровица, е поразувачка реалност за меѓународната заедница 16 години по војната. Она што е замислено во очите на меѓународните службеници како приказна за европска перспектива на пост-конфликтното општество неминовно се претвори во real-life приказ на „Чекајќи го Годо". Безвизен режим, соединување или поделба на работата на Трепча, рушење или проширување на Паркот на мирот на мостот во Митровица, подобри плати, промена на власта - сите овие нешта обичниот народ на Косово желно ќе ги очекува како премрзнатиот сонцето. Во вистински бекетовски паушален манир на постоењето - доаѓа Годо. Кога ќе биде подобро? Не се секирајте, доаѓа Годо. Кога? Еве, го, само што не дошол.

18 јули 2016 - 15:11