Франко Галдини во Атлантик објаснува дека Дејтон "создава византиски систем на владеење кој во уставот ги вкоренува, наместо да ги решава, поделбите кои произлегоа од војната."
Ова се однесува на тоа што БиХ е поделена на два ентитети, Федерацијата на Босна и Херцеговина, и Република Српска. Па од тука, тие се дополнително поделени на уште 10 кантони, а спорниот град Брчко добива специјален статус. Со популација од 3,8 милиони луѓе, Босна има тројца претседатели, 13 премиери, над 180 министри и над 700 пратеници. (Сето ова е збирно за сите кантони и централната влада.)
Заради ваквата поставеност системот речиси и да не може да функционира, па на пример се уште не се објавени резултатите од пописот кој беше спроведен во 2013-та, затоа што Федерацијата и Република Српска спроведуваат сопствен попис, во кој користат различни методологии.
На пример Мостар (поделен меѓу Бошњаците и Хрватите) има две компании за собирање ѓубре, една за истокот (босанската страна), друга за западот (хрватската страна). Во образованието на истокот се користи сараевската наставна програма, на западот загрепската. Босанците се уште улиците ги нарекуваат по имињата од пред војната, а Хрватите по нови називи (на својата страна).
Единствено поле на кое се идентични Федерацијата и Република Српска е во грабежот од приватизацијата. И двете имаат сопствена агенција за приватизација чии резултати се идентични "систематски трансфер на имотот во рацете на воените профитери и политичари, како и на нивните семејства, пријатели и послушници. Најчесто, новите сопственици немаат никаков интерес да го рестартираат индустриското производство. Наместо тоа тие ако можат ги продаваат машините, остатокот го фрлаат на старо железо и земјата ја даваат на продажба или за изнајмување. Цели индустриски капацитети беа претворени во комерцијални недвижнини, објекти за домување, хотели или трговски центри."
Процената на локалните експерти и учесници во приватизацијата во Република Српска, е дека од 1.200 приватизирани индустриски капацитети, моментално само 10 функционираат. Според одредени процени околу 300 Босанци имаат имот од 7 милијарди евра, додека 40% од популацијата е невработена.
Со одредени исклучоци, до денес никој нема одговарано за каков било криминал.
"Додека ММФ ја одржува земјата во живот со финансиски инјекции, политичките елити купуваат социјален мир давајќи работни места во замена за гласови. Дамир Миљевиќ, поранешниот советник на премиерот на Република Српска од 2001-ва, ова го нарекува 'вработување со гласови. Ако Министерството за финансии (на Република Српска) во 2005-та имаше 78 вработени, денес има 280, и сето ова откако неговите одговорности се намалија... ова се случува во сите владини институции,'" пишува Галдини.