Т.нр. Луковмарш службено ја одбележува годишнината од успешната акција на бугарските партизани во која е убиен Христо Луков, најозлогласениот бугарски нацист од 30-те и 40-те години на минатиот век и „водач“ на Сојузот на бугарски национални легии. Во меѓувреме, наместо омаж на опскурниот неостварен балкански Хитлер, маршот стана еден од најважните собири на европската екстремна десница, секако по значително поголемиот варшавски Марш на независноста, кој се одржува во ноември.
Дека станува збор за многу озбилна меѓународна концентрација на нацисти на едно место не е само заклучок на антифа-хистерици. Годинава дури и Интерпол извести за големата миграција на екстремната десница на Балкан. Токму оваа институција и софиските градски власти на миг се обидоа да го забранат собирот, само за таа забрана да биде поништена од надлежниот суд. Меѓутоа меѓународниот притисок ја натера бугарската влада, која моментално претседава со Европската унија, јавно да го осуди настанот кој во најмала рака го толерираше сите минати години. Инаку, актуелната владејачка коалиција вклучува партии и поединци кои се многу повеќе „дома“ во нацистичкото подземје, отколку во мермерните ходници на умислената „озбилна“ политика на една членка на Унијата.
Секако, разликата меѓу тие ходници и подземјето не е толку голема како што често се сугерира, ни во Бугарија, ни во многу други делови од континентот, и тоа не само на исток. Бидејќи, дури и ако од позиција на власт е лесно реторички да се одречеш од уличните нацисти, тоа не значи дека е елиминирана и нивната идеологија. Меѓутоа другото тоа јасно го покажува и одлуката на истата таа бугарска влада, донесена на само неколку дена пред „Луковмарш“, за повлекување на Истанбулската конвенција од процесот на ратификација во бугарскиот парламент. Околу спротивставувањето на тој документ се согласија парламентарната левица и парламентарната и улична десница. Како причина за противењето е наведена теорија на заговор околу т.нр. родова идеологија, своевидна модерна верзија на „Протоколите на ционските мудреци“, излезена директно од торбата на нацистичкото подземје.
Имено, во новоговорот на современата екстремна десница, залагањето за елементарна родова рамноправност и свест за тоа дека „родовите улоги“ се всушност општествена конструкција, а не „природно“ дадени, се прикажуваат како голема завера на непознати актери со цел „наметнување на родова идеологија“ т.е. уништување на природниот од Господ даден цврст поредок, кој - во интерпретација на десницата - вклучува и повремено насилство со цел „дисциплинирање“ на жената. Тоа е една, но никако не и единствена илустрација на нормализацијата на анти-демократски теории во главна политичка струја. Работата не е неважна затоа што земја која дозволува екстремно десничарските теории на заговор да и ја диктираат политичката агенда не може да се надева дека ќе го отстрани нацистичкиот олош од своите улици. И тоа е нешто кое секако треба да се земе предвид и во другите држави каде што приказните за „родна идеологија“ ползат во јавниот простор.