Извештајот „Дигитален затвор“: Надзор и сузбивање на граѓанското општество во Србија“, документира дека се користат услугите на израелската компанија Cellebrite за извлекување податоци од мобилни уреди кои им припаѓаат на новинари и активисти а српската Безбедносно-информативната агенција (БИА) го користела Андроид шпионскиот софтвер, NoviSpy, за тајно да инфицираат уреди на поединци за време на периодите на притвор или полициски интервјуа.
„Нашата истрага открива како српските власти употребиле технологија за надзор и тактики за дигитална репресија како инструменти за поширока државна контрола и репресија насочени против граѓанското општество“, вели Динушика Дисанајаке, заменик регионален директор на Амнести интернешнал за Европа.
Сепак, Cellebrite користат полиции и разузнавачки служби ширум светот, за екстракција на податоци од широк опсег на мобилни уреди, вклучително и некои од најновите уреди со Андроид и Ајфон, и без пристап до лозинката на уредот.
Иако е помалку технички напреден од многу инвазивниот комерцијален шпионски софтвер како Пегасус, НовиСпај – претходно непознат шпионски софтвер за Андроид– на српските власти им дава обемни можности за надзор откако ќе се инсталира на нечиј уред. Меѓу другото, и далечинско вклучување на камерата и микрофонот.
Комбинацијата на овие два софвера е јасна: со првиот се отклучува телефонот и се вадат сите посакувани податоци, а потоа тој се инфицира со вториот софтвер.
Тоа му се случило на независниот истражувачки новинар Славиша Миланов. Во февруари годинава бил приведен во полиција со изговор да се провери дали возел под дејство на алкохол. По пуштањето, Славиша забележал дека неговиот телефон Шаоми, кој го оставил на рецепција во полициската станица за време на сослушувањето, некако звучи чудно. Побарал форензичка анализа од лабораторија на Амнести интернешенел и било утврдено дека бил отклучуван со Селебрите и потоа инфициран со НовиСпај.
Истото е утврдено и кај телефон на еден српски активист.
„Ова е неверојатно ефикасен начин целосно да се обесхрабри комуникацијата меѓу луѓето. Сè што ќе кажете може да се искористи против вас, што парализира и на лично и на професионално ниво“, вели активист кој бил таргетиран со шпионскиот софтвер „Пегасус“.
„Сите ние сме во некој облик на дигитален затвор, дигитален гулаг. Имаме илузија на слобода, но во реалноста, воопшто немаме слобода. Ова има два ефекта: или се одлучувате за самоцензура, која длабоко влијае на вашата способност за извршување на работата, или избирате да зборувате без разлика на сè, но во тој случај, треба да бидете подготвени да се соочите со последиците“, вели друг активист.