А си мислиме нам ќе ни попуштат:

Грците ја одбија Европа

Наспроти не баш малиот број македонски дејци  кои своевремено запнаа да убедуваат дека референдум (во нашиот случај за името) е кукавичлук, криење зад народот и недостаток на лидерски капацитет, Грците референдумски се изјаснија за прашање кое го сметаат за важно со резултат кој изненади многумина.

61 наспроти 39 проценти (на повеќе од половина преброени гласови) е резултатот на грчкиот референдум со кој се одбија европските мерки за штедење како рецепт за излез од кризата.

Вака убедлив резултат никој не очекуваше. Најголемите грчки медиуми беа отворено пристрасни за опцијата "ДА" a умерените аналитичари предвидуваа финалниот скор да биде исклучително тесен а разликата да се движи до 3 процентни поени.

Грчката телевизија МЕГА во едни свои вести успеала да анкетира 39 луѓе и за чудо - сите биле за "ДА", а во еден информативен преглед, за спротивната опција проговорила дури во 70-тата минута и тоа со прилог кој траел само 40 секунди.

Џабе.

Сириза (а и Златна зора, патем), се егзалтирани од ваквиот недвосмислен резултат а Меркел и Оланд веќе за в понеделник закажале средба за да видат 'камо даље роџаче'.

Јасно е дека Грците гласале вака повеќе со интуиција и инает отколку со ладна глава. Бидејќи за да одговорат компетентно на така формулирано прашање ("Дали се согласувате со мерките кои ги предложија ЕK, ЕЦБ и ММФ"), требало да ги знаат мерките односно внимателно да прочитаат барем два документа.

Реформи за комплетирање на сегашната програма и потоа

Прелиминарна анализа на издржливоста на грчкиот долг

Оф корс дека не ги прочитале и дека заокружувале повеќе од стомак (ок, срце) отколку со памет.

Ваквиот исход на референдумот сам по себе не значи многу, освен што на овластените грчки преговарачи им дава сериозен адут дека не тие кои се забегани па треба само да се смени екипата за преговарање. Во политиката тоа се вика легитимитет.

Инаку, обичниот Грк утре ќе се разбуди во истиот кревет, во истата држава која ќе ги има истите перформанси од денес, истите долгови и други бељи кои ѝ висат над глава.

Ќе се упати во некоја од банките чии депозити изгледаат вака.

Ќе биде можеби горд што е прв во демократија но по сè друго ќе остане 130-ти.

Можеби ќе се јуначи да ја врати драхмата заборавајќи дека со неа изгледаше вака.

И конечно, ќе мора да реши што да прави со својот бизнис, ако веќе решил да не ја слуша Европа. А бизнисот му е најсив во Европа, како што знаат сите наши кои никогаш не добиле фискална сметка таму.

Но, дали Гркот баш од мрза влезе во ваква була? Не баш.

Е па што е тогаш проблемот? Еден од главните го има и Македонија. Тоа што државата е преголема а властите просто обожаваат да регулираат. Во последните 30 години во Грција биле донесени 4.000 нови закони и 110.000 министерски уредби! А за да се спроведат толку прописи -  потребни се многу државни службеници. А властите сакаат да одгледуваат државни службеници кои за време на избори се сметаат за сигурна реколта. По некое време, ситуацијата со јавната администрација изгледа вака:

Ама затоа Грците обожаваат да штрајкуваат и во тоа се сигурно и убедливо први во Европа. 

А штрајковите се фина прилика за властите да удоволуваат на барања и со тоа да стекнуваат нови симпатизери. Само што на крајот, сепак сè завршува со прашањето "Кој тоа ќе го плати?"

Игранката продолжува.

 

 

 

 

5 јули 2015 - 23:08