Црна берза за бебиња

Во италијанскиот град Казерта неплодните парови купуваат бебиња од бремени Бугарки, кои специјално за тоа доаѓаат во Италија кога ќе влезат во 8-ми месец.

Според истрагата на италијанското обвинителство, целта на шемата е да се регрутираат млади жени во Бугарија а потоа бебињата да се продадат на неплодни парови во Италија. Секое новороденче чини 20.000 евра, со вклучен транспорт и регистрација на бебето.

Кога жената ќе се породи, новиот "татко" го пријавува бебето како свое, како резултат на вонбрачна врска со Бугарката за која неговата сопруга му има простено.

Во истрагата која започнала во 2009-та, карабинерите имаат уапсено три лица, од кои еден Италијанец од Касерта и еден бугарски брачен пар.

Додека ги анализирале документите за 20 новороденчиња, сите по татко Италијанци од Кампаниа а со мајка од Бугарија, карабинерите забележале дека кај две деца, како "следен по род" бил запишан бројот на еден маж. Станувало збор за 56-годишниот Антонио Маионе кој се верува дека е врската за неплодните парови, кои се очајни за дете.

Во еден од разговорите снимени од полицијата,тој му честита на идниот татко: "Ајде доаѓај, се роди. Честитки, стана татко." Инаку Маионе е татко на 13 деца од 5 различни жени. Запрашан која е причината за толкавото потомство, објаснил дека тој бил единец и му фалело друштво како дете.

На Маионе му помагале Стефан и Ана, кои имале задача да одат во Бугарија и да најдат трудни жени кои се подготвени да се откажат од бебето во замена за кеш.

Одбраните девојки преку Грција биле носени во Италија, каде се пораѓале во клиника во регионот Касертано. Веднаш по породувањето тие биле враќани во Бугарија.

Наоѓањето девојки било толку лесно за Стефан и Ана, што во неколку снимени разговори, тие го обвинуваат Маионе дека не работи доволно. На ова Маионе се правда дека проблемот е што голем број од паровите немаат доволно пари за да платат за бебе.

 

La Stampa

12 април 2012 - 16:35