Според Мјузик бизнис њуз, кои ја откриваат шемата, извршителите при ова најверојатно не прекршиле ниту еден закон. Измамата прв пат му е пријавена на Спотифај од голема продукциска куќа во септември 2017, „ама тогаш веќе е предоцна.“
Плеј-листите по име „Soulful Music“ и „Music From The Heart“ некое време биле на тајните топ-листи на најслушана музика што Спотифај и ги испраќа на музичката индустрија. „Music From The Heart“ својот пик го достигнува во септември кога е на 84-то место на глобалната листа на Спотифај, а на 22-ро на американската листа. „Soulful Music“ има уште поневеројатен успех и достигнува до 35-то место на глобалната листа, и до 11-то на американската.
И двете позиции на „Soulful Music“ се повисоко отколку позицијата на која било листа од кој било голема музичка продукција (Сони, Универзал, Ворнер). Притоа на листата „Soulful Music“ има 467 песни, бројка која е претерано голема за која било толку високо рангирана листа, и тоа претежно од изведувачи кои се малку познати и за кои нема речиси ништо на интернет.
Уште една збунка околу успехот на оваа листа е што таа е следена од зачудувачки малку луѓе (1797).
Сепак двете водечки нелогичности околу целиот сет-ап се:
- Прво, што 467-те песни на 35-та најпопуларна плеј-листа на Спотифај, во просек траат по 43 секунди. Минимално траење на една песна за да биде монетизирана од сервисот е над 30 секунди.
- Второ, што според аналитиките на Спотифај, листата имала околу 1.200 слушачи месечно, кои, со мали вариации, стискале плеј на секоја од 467-те песни на неа.
Тоа што листата стигнала во американскиот топ 15 значи дека песните станале дел од премиум претплатата на сервисот. Ова значи дека човекот или екипата од Бугарија требала да плати за 1.200 премиум сметки. Секоја од нив чини по 9,99 долари месечно, или за 1.200 сметки цех од 12.000 долари месечно (иако може и да добие попуст со семејни планови и слични акции).
Пресметката на Мјузик бизнис ворлд е следната:
- Просечно траење на песна од листата е 43 секунди.
- Еден ден има 86.400 секунди.
- Една Спотифај сметка може да има нешто над 60.000 „преслушувања“ во текот на еден месец.
- 60.000 песни ислушани на 1.200 премиум сметки е еднакво на 72 милиони пуштања на песни од листата.
- Конзервативната пресметка е дека Спотифај на авторот му плаќа по 0,004 долари за едно пуштање песна.
- 72 милиони Х 0,004 долари = 280.000 долари месечно.
Сумата од 280 илјади долари се пари собрани само од една плеј-листа за еден месец, а Бугарот имал барем уште една во топ 100. Претпоставката е дека шемата траела околу 4 месеци.
Мајсторијата на Бугарот е што тој го нема измамено Спотифај, бидејќи човекот легално плаќал месечна премиум членарина за секоја од 1.200-те сметки, туку само нашол како да го употреби нивниот систем за исплата во сопствена корист.