Неколку стотици припадници на грчката националистичка багра, добар дел од нив носејќи анти-албански и анти-македонски симболи се собрале во селото Буларат (Грците го викаат Вулариатес) во јужна Албанија на погребот на Констандинос Кацифа кој на крајот на октомври загина во престрелка со полицијата.
Доаѓале од разни места во Грција, со автобуси, комбиња и автомобили, носејќи грчки знамиња и извикувајќи ги нивните стандарди пароли „Север Епир е грчки“ и „Македонија е грчка“ (што ние во моментов мртви ладни го процесираме, јер, нели, што ни фали северна). Полицијата не била присутна во селото за време на погребот за да се избегнат дополнителни тензии и инциденти.
По официјалните верзии 35 годишниот Кацифа загинал откако од калаш запукал кон полицијата во Буларат, славејќи го „Денот НЕ“, грчкиот празник за одбележување на почетокот на грчко-италијанската војна во 1940 година. По неговото загинување, во Грција се случија лавина инциденти и напади на Албанци и нивен имот.
Албанското министерство за надворешни работи, после тензичниот погреб објави дека неименувани 52 лица од ужалените гости од Грција се прогласени за персони нон грата кои во иднина нема да смеат да влезат во земјата. Причина се нивните анти-албански пароли кои ги оцениле како ширење етничка омраза и нетрпеливост како и загрозување на уставниот поредок.
Грчкиот национализам одамна ја има пикирано јужна Албанија за грчка територија која ја сметаат за Северен Епир (седи Заев, не мора и тоа да го потпишуваш). Од грчката страна на границата, Албанци биле протерувани во неколку бранови во текот на минатиот век, најмногу кон крајот на Втората светска војна, кога во еден здив во Албанија се избркани 30.000 луѓе, познати како Чами.
Од друга страна, според пописот од 1989 година, во Албанија имало околу 60.000 етнички Грци, но последниве децении таа популација е сериозно намалена поради напуштањето на руралните области и потрага по подобар живот во урбани центри, најмногу во Грција. На последниот попис од 2011 година, во Албанија се регистрирани 24.000 Грци.