Караѓорѓева

Ролована свинска шницла за луѓе со голем апетит!

Потребни состојки:

  • свинско филе
  • кашкавал
  • шунка
  • сланина
  • кајмак
  • јајца
  • брашно
  • презла

Викендов го поминав во Галичник. Беше ненормално ладно. Не излегов од хотел и цело време го поминав во кујна, дека таму топло, не за друго (хехе).

Направив неколку работи, а за денес решив да го споделам овој рецепт. Караѓорѓева шницла. Ммм, со све внатре! Инаку многу ме интересираше зошто се вика, како што се вика, и дознав дека е  - според Караѓорѓе! Умна таа :) Има некои објаснувања зошто и како е добиено името по српскиот принц, но јас во мојата глава имам една теорија и мислам дека ќе си ја задржам за себе :))))))

Да не должам многу, ако сте многу гладни и ве служи апетитот, ова е правото јадење за вас!

Чекори за подготовка:

  1. Земете едно свинско филе и отворете го на пола по должина, за да добитете поголема површина. 
  2. Ставете го на работна површина, врз него една ќеса и почнете да го лупате со чук. Ако некој ве има изнервирано, ова ќе ви дојде како супер терапија. Треба да ја зголеми дупло површината и да биде многу тенко. Отприлика волку големо.

  3. Посолете ја убаво шницлата, поделете ја на пола и почете да ја полните. Јас направив две различни. Едната ја наполнив со шунка, кашкавал и сланина. Другата со сланина и кајмак.

  4. Сролајте ја убаво и обрнете внимание на краевите, треба да ги пикнете внатре за да не истече кашкавалот при пржење.
  5. Така свиткана спремете ја за поховање.Систем брашно, јајце и презла. 

  6. Пржете ги малку подолго и на не толку јак оган. Ова ви го кажувам затоа што може да ви изгоре презлата и да мислите дека се готови, а всушност внатре ќе ви бидат живи. 
  7. Извадете ги на хартиен бришач, да се собере мрснотијата и секако, послужете со помфрит, тартар сос и лимон по желба. Уживајте.

Хинт:

Целата шницла може да ја поделите на четири за да ви биде полесно ролањето, а и пржењето.
16 мај 2016 - 10:06