ЏМ ги повлекува рекламите од Фејсбук

Третиот по големина огласувач во САД најави дека ќе прекине со рекламирање на Фејсбук оценувајќи дека парите фрлени во мрежата имаат мала ефикасност врз продажбата.

Џенерал Моторс ќе остане присутен на најголемата социјална мрежа на светот само преку своата Фејсбук страница која и онака е бесплатна а парите ќе ги распореди на останати интернет и традиционални медиуми.

Компанијата проценила дека ефектите на кампањите на Фејсбук не ги даваат очекуваните резултати и дека целокупното рекламирање на мрежата има недоволен импакт врз корисниците.

Ова е голем товар за проценките за одржливост на целиот бизнис модел на Фејсбук иако и досега наголемо се елаборираа сомнежи во вистинските ефекти на рекламирањето преку оваа мрежа.

"Ќе нè нема повеќе на Фесбук но продолжуваме со агресивна контент стратегија за сите наши производи и брендови," порачаа од ЏМ.

Фејсбук не го коментираше повлекувањето на рекламите на третиот по големина американски огласувач од нивната мрежа.

16 мај 2012 - 22:13