Пијте што ви се пие само немој да се лажете дека е здраво

Иако нема човек што се налева со жесток (или помалку жесток) алкохол и утре дента ќе помисли - ова мора да е здраво за мене; приказната е многу поинаква кај луѓето кои самоуверено се закачени на лајт или без шеќер газирани пијалаци.

Пиењето повеќе од два газирани пијалаци на ден со вештачки засладувач се поврзува со зголемен ризик од срцев напад, срцеви заболувања и предвремена смрт кај жени постари од 50 години, открива нова студија на Американската асоцијација за срце.

Ризикот од ова е највисок на жените кои немаат историја на срцеви заболувања или дијабетес, жените со прекумерна тежина и Афро-американките.

Во студијата, по израмнување на сите животни и околински фактори, пак се доаѓа до лоша статистика според која жените кои дневно пиеле два или повеќе газирани пијалаци со вештачки засладувач имале 31% поголеми шанси да добијат срцев удар, 29% поголеми шанси за срцеви заболувања, 16% поголеми шанси да умрат од која било причина отколку жените кои пиеле помалку од еден ваков пијалак неделно.

Ова е уште една студија која ги поврзува пијалаците со вештачки засладувач и срцевите проблеми. Она што ги мачи докторите е што ја гледаат поврзаноста меѓу двете точки (пијалаци со вештачки засладувач и срцеви заболувања) ама не и причината зошто е тоа така. Според истражувачите (за сега) невозможно е да се утврди дали врската се должи на конкретен вештачки засладувач, типот на пијачката или друг скриен здравствен проблем.

15 февруари 2019 - 13:53