Жени кои примаат "бонус за сопруга"

Убаво и благородно звучеше она дека жената треба да се цени и по тоа што прави за семејството, како домаќинка и мајка. Во најновиот развој на настаните, таквото ценење добива форма на паричен бонус, како во компанија.

Во својата нова најавена книга "Примати од Парк Авенијата", социјалниот истражувач Веднсдеј Мартин ѕирка во светот на богатите и добро омажени жени од Апер Ист Сајд на Менхетн откривајќи интересен и бизарен пресврт на максимата дека жените треба да се ценат и по тоа што го прават дома, како сопруги и мајки.

Во светот на тие богати кругови познати по сериите од типот "Gossip girl", бракот и семејството  функционираат како компанија во која жената е нешто како извршен директор кој за своите перформанси очекува награда од газдата.

"Тоа се главно жени со дипломи од престижни Универзитети и бизнис школи кои на секаков можен начин се ангажирани во максимално подобрување на успесите на своите деца и зголемување на нивната вредност" вели Мартин.

Таа открива дека во таквите домови мажот и жената обично седат на две различни маси во две различни соби од својот дом а жените кои трудољубиво ги исполнуваат своите домашни обврски добиваат финансиски бонуси од сопругот, исто како да се вредни вработени лица во нивната фирма. 

Некои од ваквите аранжмани се веќе дефинирани во пред-брачните договори а финансискиот надомест за сопругата  - како располага со домашниот буџет, дали децата се запишани во добро школо - е оној истиот принцип по кој и нивните мажи се наградувани во инвестициските фондови. Фали уште само "метрика за сексуални перформанси".

Мартин вели дека со ваков аранжман, сопругата се сведува на швалерка или спонзоруша иако некои го бранат таквиот концепт бидејќи таквите жени "се само доволно среќни да имаат можности и да ги користат сите прилики за пружање на најдоброто на своите деца". 

Пред откривањето на "женскиот бонус", беше познат таканаречениот "push bonus", еднократна награда од мажот (обично во вид на подарок) за тоа што сопругата запнала и го родила детето.

Во врска со преде-брачните договори, интересен е моделот на Том Круз кој своите бивши сопруги ги исплаќа како своевидно рентање, по тоа колку време поминале со него.