Само запекот ќе ја спаси планетава

Запрашан околу тоа како планира да го комбинира земјоделскиот развој на земјата и заштита на околината, бразилскиот претседател порача дека луѓето треба секој втор ден да одат по голема нужда ако сакаат да ја спасат планетата.

„Доволно е да се јаде малку помалку. Зборуваш за загадување на околината. Доволно е да се оди по голема нужда секој втор ден. Тоа ќе биде подобро за цел свет,“ бил одговорот на Болсонаро кога еден новинар му цитирал дека сечењето на шумите и земјоделството се одговорни за четвртина од стакленичниот ефект на планетава.

Проблемот со Болсонаро е што прилично факултативно ги сфаќа ограничувањата што постојат за заштита на Амазонската шума. Кога неодамнешниот државен извештај покажа раст на уништувањето шуми во Амазон, Болсонаро го отпушти првиот човек на агенцијата обвинувајќи го дека лаже за обемот на сечење дрва.

Главната основа за сечење на амазонската шума е создавање нови пасишта за стоката.

Изминатава деценија претходните влади успеваат да го намалат сечењето на шумата преку систем на казни и акции на федералните агенции. По доаѓањето на Болсонаро на власт овој систем речиси беше ставен на пауза, и се бележи драматичен пад на конфискување исечени дрва и казни за истото.

12 август 2019 - 10:15