Молерот кој завршил во затвор
За време на бугарската окупација кога излегувале фудбалерите на терен ја кревале раката за викторија (победа), а на десното крило Серафимовски средниот прст му бил свиткан. Бугарски агент му вика ти си играеш ташак со нас, го истепаа и потоа го ставија во затвор. Но него уствари прстот му беше скршен, затоа што работеше како молер. Па го донесоа кај Караѓозов за да констатираат дека е вистина и потоа го пуштија. Тогаш во Скопје гостуваше Левски, а овој беше многу добро десно крило, но му најдоа нешто да го уапсат за време на мечот и по мечот го пуштија од затвор.
Меѓународна солидарност
Засекогаш ќе се памети 24 септември 1964 година кога на стадионот ЈНА во Белград репрезентацијата на Европа ја победи фудбалската селекција на Југославија со 7:2. Ова беше голем фудбалски ден кога сиот фудбалски раскош со Јашин, Плускал, Веронин, Зелез, Масопус, Еузебио... дојде до полн израз на овој натпревар кој беше одигран во исклучителни услови. За да абиде целосна сивата и тажна слика се погрижи невремето. Црно сивото небо над Белград истури толку дожд што сите присутни беа мокри до кожа.
Упорни беа, меѓутоа оние 20 и повеќе илјади гледачи никако не мрдаа од своите места. Толку беше црно небото што некаде пред крајот на денов, многу порано од вообичаеното, се стемни. Играчите беа принудени да ги креваат рацете и да бараат светло поради што управата на стадионот мораше да ги запали рефлекторите, што беше прифатено и како знак за уште едно потсетување на сите што ги загубија животите под урнатините на скопската катаклизма во 1963 година.
Толку од мене
Во меморијата на фудбалските хроничари е запишано. Коле Чашуле кој на 12 јуни 1946 година го пренесуваше првиот фудбалски натпревар на македонската лига во Скопје меѓу СК Македонија и Победа, преносот го завршил со зборовите: Толку од мене. Колку знаев и умеев кажав. Ако не сте задоволни друг пат не ме слушајте. Ако многу многу ме критикувате за првиот радио пренос ќе се збогувам пред време со микрофонот.
За среќа на многубројните љубители на фудбалот првиот радио пренос на основоположникот Коле Чашуле наишол на одобрување па во многубројните писмени обраќања му било препорачано: Коле, Коле издржи. Беше одличен. Пак ќе те слушаме. Кога ќе се роди нов радио репортер ќе ти кажеме да му го остапиш микрофонот. Чашуле го прифати советот и по речиси неполна година го препушти микрофонот на нови радио репортери на кои им посака успешно да ги пренесуваат натпреварите од фудбалското игралиште во Скопје.