Имате напишано монографија за Вардар, публикации за Работнички, потоа книгата „Скопски фудбалски незаборави 1903-1990“, збирка на анегдоти насловена како „Весели мигови на македонскиот спорт“. Кажете ни за анегдотите?
Анегдота број 1
Кога бев во Беч, Вардар играше со Будуќност и ако победиме одиме во прва лига. Вардар победи со 1:0 и ја купи утакмицата. После натпреварот имаше радост во кабината и во еден момент влегоа четворица мангупи и почнаа да ги тепаат играчите, Џоџа Николовски, Благоја Ристоманов и тоа со со боксови. Јас направив некоја слика и избегав од вратата и влегов во толпата што излегуваше од стадион. Поминав 200-300 метри и еден ме фаќа за рака и почна да вика: овој е, овој е, овој ја шитна утакмицата, го познав, ќе го убијам и јас што да правам се здрвив и почнав да испуштам крици и да глумам дека сум глувонем. И еден му вика абе немој да бидеш будала остави го човекот на мира гледаш дека е глувонем и така се спасив од ќотек.
Анегдота број 2
Ми се јавуваат од БиХ и ми викаат слушај Ивко, молим те во недела да ја коментираш средбата меѓу Сараево и Вардар, а ја му викам како бе ќе пренесувам за босанско радио, ќе се испомешам со падежите. Уредникот од Радио Сараево ми вика немам човек те молам пренесувај ја. Се спремив, напишав текст како најава на српски јазик и едно време почнав да пелтечам со јазикот. Еј викам да го прекинам преносов или не и ми текна: Драги слушатели и на српски и на македонски гол е гол, пенал е пенал, Вардар е Вардар, Сараево е Сараево. Доста си го кршев јазикот од сега ќе зборувам на македонски. Кога заврши преносот никој нема на линија да се јави. Потоа ми се јавува уредникот на Радио Сараево и ми вика: Браво бе Ивко направи шоу, кога ќе дојдеш во Сараево да дојдеш да те почестиме една плата како награда.
Анегдота број 3
Димитар Стојановски – Митре познат како Сељо од скопското село Булачани бил најдобар играч на ССК и во 1935-та година за него бил заинтересиран Граѓански. Трансферот предизвикал голем интерес во скопската чаршија во која се случувале скапи договори. Митре ќе добие ниви, автомобил, пари од сопственикот на Граѓански кој бил најбогат скопски трговец. Тој го повикал Сељо да се договорат за трансферот и на големо изненадување разговорот траел многу кусо. Кога го прашале што бараш за возврат, тој рекол ве молам да ми дозволите на фудбалското игралиште да направам една настрешница за кравата. Таа се вика Белка и многу се сакаме и само мене ми дозволува да ја молзам. Настрешницата да биде на помошното игралиште, а ќе се рани со тоа што ќе пасе од тревата. Договорот бил склучен, а Сељо радоста им ја пренел на граѓаните кои не можеле да поверуваат дека само со тоа барање го договорил преминот од ССК во Граѓански. Потоа кравата станала маскота на клубот каде ја засакале сите фудбалери кои наутро пиеле од неа млеко што го молзел само Митре. Кравата ја засакала и публиката и понекогаш носела за неа трици, вода и друга храна. На мечот меѓу Граѓански и Црна Гора, кравата се одврзала почнала да трча и играчите почнале да бегаат. Шпиц тогаш викнал: Сељо Сељо твојата крава игра фудбал, а Сељо му одговорил да господин Шпиц, а ќе има и од кого да учи.
Анегдота број 4
Вардар некаде 74-та, 75-та година го победи Хајдук 4:0, а тоа е најголема победа на Вардар против Хајдук. Јас го коментирав мечот и потоа весели со колегите за високата победа отидовме во официрска бавча на ќебапчиња. Таму почнаа да се печат ќебапчиња и тоа беше сензација за Скопје. Заседнавме и се поднапивме и јас им викам колеги ќе си одам дома уморен сум морам да се одморам. Си отидов дома и околу 2 часот по полноќ ме будат колегите и ми викаат Ивко дојди да не земеш, ние сме пијани, а надвор врне немаме како да си одиме дома. Запалив колата и ми викаат ако треба да возиш лево ќе те влечеме за лево, уво, ако треба десно за десно уво, а за право ќе те удираме по глава. Отидовме до центар, па Цека, па кај театарот, па Топаана и на крај завршивме на гробишта во Бутел. Надвор врне истура, а овие ми го земаат клучот излегоа надвор и почнаа да викаат: Ејјјј вардарци, станете да чуете Вардар го тепаше Хајдук со 4:0. Потоа ми викаат вози сега на друго место. Отидовме кај зелено пазарче имаше една барака каде се правеше чкембе чорба и таму одеа скопските пијаници да се трезнат. Влеговме внатре скиснати, а тој што ми го зема клучот го имаше палтото оставено надвор да се суши. Јас ко бајаги ќе одам во нужник, излегов надвор запалив колата си отидов дома, а овие немало како да си одам дома и морале пешки. Другиот ден одам на работа во Радио Скопје и ми викаат добро бе Ивко како да не ти беше срам да не оставиш да немаме како да си одиме дома, а јас им викам: Мене срам? А вас не ви беше жал да ги будиме мртвите во 2 по полноќ? Никој не ви одговори мамето ваше, ај сега да одите да им се извините.
Кои спортски збиднувања сакате најмногу да ги следите откако сте во пензија?
Јас сум човек што секој спорт ме интересира. За мене нема голем, мал, убав, лош спорт. Сите спортови ги сакам, но за жал сега живееме во едно време во кое се научивме само да критикуваме. Сакам малку да ви кажам за сегашната состојба во спортот. Ние премногу нереално ја гледаме состојбата во македонскиот спорт и премногу критички сме расположени. Пример Пера Николиќ беше еден и не се роди пак други Пера, Атина Бојаџи беше една и не се роди преку ноќ друга како неа. Ние имаме нереални амбиции. Гледате и со фудбалов што се случува. Ние пред натпревар правиме атмосфера дека мора да тепаме. Е не може секогаш императив да биде победа, не може ние со 15 минути тренинг да имаме екипа. Порано сме имале екипа со Пера, Чајковски, Хорват, Бошков, Огњанов, Митиќ итн, тоа беше воиграна екипа. Ние не можеме да сфатиме дека нашиот дострел е тука, ќе ни треба многу време. Зошто? Нашите фудбалери се продадени да играат во странство. Не, тие не се продадени да играат во странство, туку таму се за да бидат резерва. Едно е кога игра Пандев во странство, а друго е кога игра тука со некој неписмен. Гледајте ги и кога зборуваат на тв, тотално се неписмени, не знаат два збора да кажат, а фудбалот е наука. Кај нас аномалија е што луѓето што се на факултет не се бават со спорт. Ние треба да ги имаме врвните спортисти, токму на факултетот. Ние на разни натпревари немаме ни посета. Ако гледаме дека на факултет ни се најслабите ученици, тогаш на факултет немаме врвен спортист. Најдобрата репрезентација на Југославија во кошарка, во одбојка...па сите завршија факултет. Нашиве што? Гледаат да отворат кафиќ. Тој сабајле е келнер, а попладне тренер. Кога имаш противник треба да видиш дали може да го тепаш во висина, по брзина, по интелигенција. Ние преку ноќ сакаме да прескокнеме неколку огради и да дојдеме до целта. Така не може.
Имате ли слабост кон некои коментатори?
Јас сум таков по природа што не зборувам ништо за своите колеги. Има добри, има и лоши. Има некои што премногу зборат и се служат со статистика отколку што го пренесуваат тоа од теренот. Според мене има некои и што си го земал тоа право да бидат тренери, треба вака да се игра, така да се игра, а тоа не е негова работа. Тој треба да ме пренесе мене на терен, а не да ми пренесува статистика. Уште 5 минути има до крајот и тој ми кажува статистика или баба му на играчот дали е трудна или не била трудна. Не се согласувам и со ова сега со двајца-тројца коментатори кои се надополнуваат. Репортерството е голем предизвик. Прво мора добро да го знаеш јазикот и мораш да бидеш објективен. Да признаеш пораз, да признаеш победа, да признаеш подобар квалитет па после да се наметнуваш дека мора да победиме. Не е точно, па и поразот е составен дел од спортот. Ако ние тоа го сфаќаме како национална трагедија тогаш значи дека лошо ја подготвуваме публиката. На времето на нашите спортски борилишта доаѓаа жени, професори. Тогаш ќе те пречекаше полиција културно, а сега ќе те пречека со ратна опрема, со кучиња, со маски. Потоа има некултурно однесување на навивачките групи кои се тотално исполитизирани и кои се соблекуваат голи на трибина. Тоа е некултура која потекнува од фудбалерот. Ќе даде гол и го соблекува дресот иако му е речено дека не треба бидејќи ќе добие жолт картон.
Кој е според вас најдобриот македонски фудбалер на сите времиња?
За мене најдобар македонски фудбалер на сите времиња е Кирил Симоновски – Џина.