На доајенот на спортското репортерство му бевме на гости два дена по ред по три часа, а материјалот кој го има за раскажување и покажување е за месеци. Затоа сите приказни, анегдоти и пикантерии кои ни ги кажа ќе ви пренесуваме во делови. Човекот е жива 85 годишна легенда и го има во три енциклопедии на Македонија: стенографската, новинарската и државната.
Половина век има поминато со микрофонот на Радио Скопје коментирајќи сè и сешто, како првиот пливачки маратон во Охрид во 1962 година, потоа најтажниот пренос на Вардар веднаш по земјотресот во Скопје, а известувал и од погреб. Паралелно му бил и 30 години стенограф на Тито и присуствувал на разни затворени седници во владата на СФРЈ.
Ивко Панговски е втор човек кој добил „Златна плакета“ од Фудбалскиот сојуз на Југославија. Прв е Перо Коробар, претседател на фудбалски сојуз на Југославија кој бил и претседател на Врховен суд на Југославија и Претседател на Уставен суд на Македонија.
Што вели вашето новинарско и коментаторско творештво, колку години ја работевте оваа професија и дали можеби имате евиденција колку преноси сте вршеле во кариерата?
Во новинарството сум од 1948 година. Почнав со работа во Единство и веднаш потоа продолжив во редакцијата на Радио Скопје. Работев во повеќе сектори, а се сеќавам дека прво известував за цената на пиперот и патлиџанот на пазар. Инаку тоа време беше многу тешко да се почне со коментирање бидејќи немавме терминологија и морав сам да ја создавам терминологијата, да вежбам. Ми дадоа еден стар магнетофон и со денови и месеци прво морав да вежбам и тоа без никакви надежи дека ќе станам репортер. Инаку сум пренесувал стотици и стотици преноси, не се брои тоа, од сите спортови, фудбал, кошарка, одбојка, ракомет. Јас бев новинар со мера и одговорност, бев репортер со препознатлив глас. Со микрофонот бев гостин во домовите и во гаражите на сите љубители на спортот. Сум пренесувал од многу големи манифестации, Олимписки игри, Светски првенства итн.
Што коментиравте на почеток?
Во една пригода уредникот ми вели попладне ќе дојдеш со мене на утакмица. Отидов, влегов со него во кабината и во еден момент ми вика спреми се: „Драги слушатели со мене во студиото е еден млад надежен репортер, Ивко Панговски“. Тогаш кажав два три збора на средбата Вардар – Динамо кога Вардар за прв пат го тепаше Динамо. Тоа беше 1950 или 1951 година. Кога отидов во радио ми велеа имаш убав глас и продолжи да работиш. Потоа во една пригода ми велат: „Абе Ивко немаме репортер, што ќе правиме? Ќе почнеш ли да пренесуваш“? Нема грешка викам ќе почнам. Дури имам пренесувано и од еден погреб, интересно е да се спомне тоа. Јасмин кога умре, тоа беше во август и новинарите беа на одмор. Главниот уредник на Радио Скопје ми вели: „Абе Ивко немаме репортер, молим те ти го знаеш протоколот оди да кажеш некој збор од Бутел како го носат“. Му викам абе не ме зезај јас сум динамичен репортер кај ќе пренесувам од погреб. Не, мора да одиш. Одам јас таму и почнувам: „Моменталната ситуација драги слушатели тука е телото се наоѓа во рацете на Лазо, Лазо на Љупчо, Љупчо на Бато и така ајт у пичку матер. Вика абе ти будала си ќе те стават во затвор, абе каков затвор, ќе немаат стенограф и одма ќе ме пуштат. Потоа на работа ми викаат браво Ивко имаше одличен пренос сега може да умре целото раководство.
Го негувавте ли гласот? Внимававте ли на пример да не пиете газирано?
Апсолутно да. Имав ларингит и борбата против ларингит беше прва, второ да не се пушти цигари и трето никако газирано. Пред секој натпревар појадував чорбичка околу 9, 10 и не ручав и обавезно водев сметка да не се зборува многу. Потоа внимавам да не јадам претходно многу за да не ме фати стомак. Храната ми беше една од мерките за заштита. На пренос одев повеќе гладен отколку најаден. Кога имав ларингит, Бранко Стојановски од уво, нос и грло ме лекуваше и одев и во Москва. Еден руски доктор ми рече вие го имате најдобриот лек, а тоа е македонскиот мед. Јас каде и да патував со мене носев медени бонбони од Европа. Цигара во уста немам никогаш ставено. Инаку сум одел на свечени вечери со генерали, тие јадеа месишта, пиеа виски, но јас секогаш бев одмерен на јадење. Тоа е од суштинско значење за репортерот. Не може репортерот да си дозволи да јаде како вол.
Кои ваши преноси ги сметате за легендарни и незаборавни?
Имам многу незаборавни преноси. На 28 август 1963 беше првиот пренос по земјотресот во Скопје на средбата меѓу Вардар и Динамо од Загреб 1:1. Тоа беше најтешкиот пренос. Стадионот го реновираше Загрепска оператива и ние едвај успеавме да извлечеме линии. Инаку играчите на терен излегоа со траорни ленти и повеќе се слушаше плачење бидејќи недостасуваа многумина што загинаа, а меѓу нив беше и еден стар техничар од Радио Скопје кој загина откако се врати да и земе играчка на ќерката. Динамо го сместија во хотел во Куманово, а Вардар во Тетово.
Инаку се сеќавам и кога Вардар успеа на гости да го победи Белград со 1:0. За време на една седница, претседателот на Собрание ја прекина седницата и ми вели: „Ивко вчера те слушавме 120 минути како коментираш, ајде сега да направиш ретроспектива како Вардар успеа да го победи Белград за опстанок во лигата“. Им го раскажав мечот, а во меѓувреме донесоа виски. Ивко заврши ли? Завршив му велам. Ивко браво одлично, вчера 120 минути, сега уште 25 минути. Фала другар претседателе за вас одлично, за мене не е. За ова време ќе стенографирав и ќе направев пари, а за ова што го зборев никој не ми дава пари. И второ додека јас зборував вие наздравувате, дајте сега заедно да се напиеме по едно виски. Со ова сакам да ви кажам дека имав слобода во тоа време. Дури и Тито ме прашуваше за Вардар.
На Зимските Олимписки игри во Сараево 1984 имате направено интервју со славниот актер Кирк Даглас. Како се случи тоа и како реагираа во вашата редакција кога има кажавте за ексклузивата?
Секретарката на Ѓуро Пуцар Стари, претседател на владата на народна република Босна и Херцеговина ми вика ќе дојдеш со мене во хотел, ќе правиме интервју со Кирк Даглас, а јас и викам ај немој да ме зезаш. Се дотерав отидовме во хотелот, имаше шише виски и се начукавме. Јас го фатив микрофонот му правев интервју на англиски и му викам: „Јас сум од Скопје, градот на солидарноста, па ве молам една ваша порака до Скопје и гледачите на Радио Скопје“, а овој начукан мортус пијан почна да зборува, се утепа од зборување. Потоа кога сме направиле една емисија од тоа, имавме 4 и пол часа материјал. За сè го прашував, за сите теми и за љубов, за какви жени сака итн. Се јавувам во Радио Скопје и им викам имам интервју со Кирк Даглас, а од таму викаат ај не се заебавај со нас кај може со Кирк Даглас да направиш интервју, треба да му платиме за да му направиме интервју. Јас им викам абе не ме зезајте имам интервју каде 50 пати го повторува Скопје, град на солидарноста. Се собрале уредниците и викале овој не зеза ќе го казниме. Разговорот го монтирав во Радио Сараево и кога го пуштив на радио ми се јавува Благојче Стефановски, уредник на програма: „Панго секоја чест, ова е историско интервју, Кирк Даглас да дојде на програмата на Радио Скопје без пари, па тоа е сензација, имаш две плати награда“. Тој беше инаку циција, а ние го опијанивме и со виски и со убавината на секретарката. Се сеќавам дека седна во едно кафуле во Сараево, му наплатија поскапо, а он пријави во полиција и потоа кафулето го затворија.
Раскажете ни за стенографирањето?
Јас бев стенограф со меѓународно признание и шести по ред со брзина со 360 слога во минута. Работев во собрание и долги години го стенографирав Тито. Во тоа време немаше стенографи и техниката беше многу лоша. После војска ми рекоа Ивко имаш 6 месеци да учиш стенографија, ако ти биде добро ок, ако не одиш во редакција. И не поминаа 10 дена викаат по мене стенограф, стенограф, а јас позади врата се кријам. Што чекаш, што не се јавиш? Одам на телефон и ме бара Бане Коваќ од Кичево. Ми вика треба да стенографираш говор на глуви од Кичево, му викам како бе? Го стенографирав, Бане го гледа и вика одличен беше, имаше две грешки ама ништо не е тоа. Потоа од кабинетот на Лазо се јавува Трајко. Ало Ивко, Лазо рече да дојдеш во кабинет кај него, а Вера Димитрова тогаш му беше секретарка. Ми вика слушај од сега ќе стенографираш во владата на Македонија. Собрав 20 моливи, еден куп хартија.
Потоа Тито дојде во Скопје, но му се разболе стенографот. Од таму прашале имате ли стенограф? Имаме еден, Ивко ако сака. И тоа пази Тито на српски зборува и јас го преведував на македонски. Ми дојдоа дома двајца офицери ми кажаа дека стенографот на Тито е болен и јас одма отидов и го заменив. Стенографијата излезе бонбонче и потоа ме викнаа кај него да работам во Белград и така бев 30 години негов стенограф. Потоа стенографирав на конгреси. Јас што знам што се случувало на затворени седници, тоа никој не го знае. Седници со Генерал Јанковиќ. Во архива имам дадено околу 10.000 страници стенографија. Имам правено реконструкција на сите партиски движења, од село во село, од град до град. Ги стенографирав сите оние афери, судења, затворени седници. Случаи како Вељко Марковски, Ченто и уште многу одеа преку моја рака. Сум работел со Лазо Мојсов, разни реконструкции правевме, имам илјадници страни материјали. Има едно правило во стенографијата: чув, не чув, сите се смејат и ти ќе се смееш, сите плачат и ти ќе плачеш. Не смееш да кажуваш што се случило и како се случило на седниците. Сум стенографирал и во Радио Тирана, Радио Софија и Радио Москва, специјално во три примероци од кои еден за Лазо, еден за УДБА.
Стенографирав и додека бев на Олимписките игри во Сараево. Таму високите функционери ме викаа на виски, на јагнешки глави. Имаше 20 локални радио станици и јас слушав и стенографирав, имав материјали кој дошол, што дошол. Ноќно време доаѓаа кралеви со приватни авиони, тоа беше сензација за Сараево. Со претседателот на владата на Југославија се знаевме многу добро. Вика Панго ќе стенографираш ли? Нема проблем викам и секое сабајле стенографирав конференции за печат, а новинарите ако сакаат да добијат текст мораа да ми носат по една лента. Па се делевме да ги преведуваме на други јазици, имавме богатство од материјали.
На што ја потрошивте првата плата?
Првата новинарска плата ја земав во весникот Единство. Бранко Заревски ми текнува беше главен новинар. Ми ја дава благајникот платата и Бранко ми вика: Панго молим те дај ми некој денар, немам време да земам од благајникот брзам за на пат, дај ми ги сите пари. Јас му ги дадов сите и чекам два, три, пет дена не ми ги враќа. Одам кај Ружа, главната уредничка и ѝ викам, Ружа му дадов на Бранко пари ама го нема да ми ги врати. Го гледам Бранко му викам те молам платата. Какви пари ми вика, нели ти рече првата плата ќе ја испиеме и јас како што рече така направив. Во кафана седнавме ја испивме и те спомнавме 1000 пати.