За малку сензација, Фјури беше срушен и совладан, едвај победи

Еден од најдобрите боксери на денешницата си ја разниша репутацијата откако синоќа после десет рунди доби сериозен ќотек од Франсис Енгану кој првпат влегува во боксерски ринг и доаѓа од УФЦ.

Тајсон Фјури после десет рунди на судиски одлуки го победи Франсис Енгану. Еден судија бодуваше 95-94 за Енгану, еден 96-93 за Фјури а еден 95-94 за Фјури.

Во преполната модерна арена во Ријад, во меч со стандардни боксерски правила се сретнаа гиганти, тешкаши во два различни спорта.

За разлика од минатото кога вакви обиди завршуваа комично и боксерите како доминантна сила ги уриваа оние кои доаѓаа од УФЦ каде се бори со други правила, овојпат беше многу поинаку.

Тајсон Фјури влезе во рингот како огромен фаворит, очекувано, затоа што беше на свој терен, во свој спорт, според боксерски правила, а Камерунецот со француски пасош мораше со недели да се адаптира на спортот за кој сонувал од мал но никогаш професионално не го водел.

БУРНИ РЕАКЦИИ НА СУДИСКИТЕ ОДЛУКИ, ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ЈАВНОСТА ГО ГЛЕДА ЕНГАНУ КАКО ПОБЕДНИК

Пред објава на судиските бодувања речиси никој не беше 100% сигурен кој ќе биде победник. Трибините навиваа за Енгану. 

Првата рунда помина онака како сите очекуваа. Фјури се обидуваше да наметне свој стил и делуваше дека го има ривалот под контрола но се почувствува нервоза кај „кралот на циганите“.

Во втората рунда Енгану делуваше дека веќе „опипал терен“, дека се навикнал на боксерскиот амбиент и одлично држеше дистанца. Во трета рунда во размена на ударци Енгану дури и го закачи Фјури со лево кроше и на негово големо изненадување го легна на подот.

Во арената настана еуфорија за овој потег. 

Тренерот на Британецот крај рингот му викаше: „Премногу се обидуваш!“ и се чинеше како „кралот на циганите“ да го потценил својот противник. Не личеше на себе во тој момент.

Но Фјури не би бил светски шампион ако би оставел на ситуација во која и претходно го фрлаа Стив Канингем, Невен Пајкиќ и Дионтеј Вајлдер.

35-годишниот боксер од Манчестер успеа да се соземе, се врати во мечот и до крајот презеде иницијатива. 

До осмата рунда темпото опадна, искусниот фаворит Фјури рутински зема некои бодови со прецизни удари, а веќе во осмата рунда битката пак се разгори.

Прво Енгану силно нападна па Фјури возврати и двајцата завршија со расекотини.

До крајот на борбата Тајсон одново се повлече од дистанца и го користеше широкиот распон на раце. Енгану веќе немаше снага за нови контра-удари па Фјури победи со судиска одлука, тесно на поени.

Резултатот на крај ја отслика борбата, но останува мислењето дека Енгану покажа дека е и повеќе од достоен ривал и дека комотно може да се вмеша во боксерскиот крем откако дојде од УФЦ.

Тајсон Фјури ќе треба сериозно да размисли дали закажаните борби со светскиот шампион Александар Усик од Украина ќе останат за декември или ќе ги преместат за во јануари, со цел да се спреми подобро.

Украинецот Усик е владетел на дури три големи шампионски појаси во тешка категорија - WBA, IBF и WBO. Победникот на дуелот Фјури - Усик ќе стане првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија уште по легендарниот Ленокс Луис и прв со сите појаси во XXI век.

„Ова не беше во скриптата, Енгану да ти бил страшен боксер“

 

29 октомври 2023 - 07:39