За само неколку часа светската атлетика остана без двајца поранешни шампиони кои ќе заработат суспензии заради позитивни допинг тестови.
Светската анти-допинг агенција најпрвин го објави резултатот на најбрзиот човек оваа година, Тајсон Геј. Американецот бил позитивен на контрола во мај и ако неговиот Б примерок исто така биде позитивен, тој може да заработи суспензија од две години.
Неколку часа подоцна светските медиуми јавија и за позитивниот тест на Асафа Пауел. Поранешниот светски првак на 100 метри бил позитивен на недозволени стимуланси на националното првенство на Јамајка одржано минатиот месец. Покрај него позитивни биле уште тројца атлетичари од Јамајка.
Тајсон Геј го освои златото на 100 метри на Светското првенство во 2007-та година, а оваа сезона тој имаше најбрзо време на светот. Асафа Пауел е четврти најбрз човек на сите времиња и го држеше светскиот рекорд на 100 метри до 2008-та година.