Темата за тоа кој е најдобар на сите времиња меѓу големото трио Фодерер-Надал-Ѓоковиќ е субјективно мислење.
Она што може да се констатира како факт е дека ниту еден тенисер не е славен и сакан како швајцарскиот џентлмен кој негуваше посебен тениски стил.
Човекот со преку 1.500 натпревари, вкупно 103 титули и 310 недели на челната позиција на светската ранг листа ги помести границите не само на терен, туку и во бизнис сферата.
И покрај бавниот натпревачки пад во изминативе три години проследен со операции, успеа да остане на неверојатна годишна заработувачка од 90 до 100 милиони долари годишно.
Пикот го достигна во 2020-та, кога Форбс со заработка од 106 милиони го стави на прво место според заработка во сферата на спортот. Само 6 милиони од тиа пари ги заработи како премии од АТП турнирите, а другите 100 од спонзорски договори.
Федерер е спортист со рекордна заработка во светот надвор од терените. Според последниот извештај на Форбс, неговите годишни заработувачки од спонзорите изнесуваат 90 милиони долари, на Леброн Џејмс 80, Тајгер Вудс 68, Меси и Роналдо по 55 милиони.
Тој огромен извор на пари му овозможи да се позиционира во топ 5 најбогати спортисти на планетата со вкупно 1,09 милијарди долари.
Зад него стојат 14 моќни компании меѓу кои Barilla, Rolex, Credit Suisse e Mercedes-Benz, па дури и откако престана да котира високо на АТП листата.
„Како што растат со текот на времето, ваквите спортисти стануваат протагонисти на забавната и рекламната сцена и со нивната популарност и репутација остануваат многу добро запаметени ликови. Кога ќе го достигнете врвот на популарност, возраста станува ирелевантна. Она што е важно, тоа е брендот Федерер. Кога има реклама од него, никој не мисли на рангирањето на АТП. Федерер не е број 1 секоја сезона, туку тој е број 1 цел живот“, објаснува италијанскиот консултант за бизнис и менаџмент, Џовани Палаци.
Роџер Федерер е безвременска машина за пари. Во 2018-та потпиша 10 годишен договор со јапонскиот бренд за облека Uniqlo, вреден 300 милиони долари.