Реквием и Војводи го отворија Музичкиот Куп 2018

Фудбалската традиција на музичарите од цела Македонија продолжува и оваа година и тоа појачани со повеќе екипи и уште поголем ентузијазам за да покажат дека и топката знаат да ја користат како инструмент.

Музичарите од Реквием со убедливи 4:0 го совладаа тимот на Војводи и со тоа и официјално го отворија Музичкиот Куп 2018 кој од денеска до 1 април ќе се одржува во спортскиот центар Аеродром.
 
Битката за трофејот оваа година ќе биде пожестока бидејќи за разлика од лани кога имаше 12 екипи, сега се вкупно 16 екипи поделени во четири групи.
 
Тоа значи дека во наредните две недели скопската публика ќе може да ужива во мајсториите на вкупно 160 музичари кои треба да покажат дека знаат да танцуваат и со топка.
 
Право на настап имаат пејачи, текстописци, аранжери, продуценти, музички новинари, диџеи, танчери и играорци кои ќе бидат дел од третото издание на турнирот чија цел е пред се забава и дружење меѓу музичарите.

И оваа година главен организатор е виолинистот Илија Филиповски од група Маестро кој освен за музиката, живее и за фудбалот.
 
Лани беше Саша Ќириќ, а сега една друга помлада легенда на Вардар се појави во главна улога на ждрепката, тоа е Влатко Гроздановски. Екипи пријавија музичари од Скопје, Куманово, Охрид, Кичево, Битола, Прилеп и Велес.
 
Шампионската титула ја брани Поп Рок Фолк, а една година претходно првото место го освои „ОООО Тешкото“.
 
Распоредот на групите и резултатите може да ги следите на нивниот сајт.

 

19 март 2018 - 16:00