Премиите на светските турнири растат од година во година, а тоа се должи на се поголемите наградни фондови. Австралија Опен кој е прв Гренд слем во годината на стартот од новата сезона за следниот месец има на располагање 31 милион долари само за награди, а УС Опен се очекува во 2017 година да стигне до награден фонд од 50 милиони евра.
Но тоа се дел од најпрестижните тениски собири каде колачот го делат најдобрите светски рекети за кои нема зима. Светската тениска асоцијација почна да размислува и најавува повеќе пари од 2014 година за помалите односно за Челинџер турнирите кои спаѓаат во втората категорија.
Таму наградните фондови се движат од 25.000 до 150.000 долари кои се ситнеж во однос на големите турнири каде најдобрите светски тенисери по освојувањето на финалињата си заминуваат со чекови од по два милиони долари.
„Со нашите мерки сакаме да направиме поголема демократија во однос на приходите. Минатата година почнавме со реформите за фер доделување на награди на Гренд слем турнирите не само за победниците и финалистите, туку и за оние кои ќе заглават со првите бодови. Сега размислуваме на играчите кои не доаѓаат воопшто или само повремено ги има на големите турнири, а целта ни е да го зголемиме бројот на тенисери", вели Џорџо Ди Палермо кој е во бордот на директори во АТП.
Според него тенисерите кои не се наоѓаат ниту на првите 150 позиции на ранг листата не треба трошоците да си ги плаќаат од свој џеб. Нивната кариера е сосема поинаква од оние кои се во елитата. Немаат добивки, а мора да се соочат со големи трошоци за патувања, опрема, тренинзи. Трошоците на еден тенисер од втор ранг за една сезона изнесува од 50 до 70.000 евра.
Со новата стратегија челните луѓе од АТП гарантираат дека од идната година тенисот ќе биде економски исплатлив и за помалите турнири, а тоа ќе претставува добра вест за сите 2182 играчи кои се наоѓаат на рангирањето.
Организаторите на Челинџер турнирите не се убедени во тоа, како на пример Клаудио Реџини кој организира 15 вакви турнири во Италија. Според него добро е да се наградат послабите тенисери, но и понатаму голем проблем ќе бидат спонзорите кои тешко успеваат да ги привлечат во последните кризни години за економијата.
Само во последните три години згаснале вкупно осум Челинџер турнири поради финансиски проблеми, затоа што тој свет ниту од близу ја нема моќта на еден Вимблдон кој секоја година размислува на каква трева да ги пречека славните Федерер, Ѓоковиќ и Надал.