Скоковите на вештиот Зики кој има поприлично голема тежина комотно може да се рамнат со оние на дисциплинираните скокачи од Азија кои берат златни медали на сите Светски првенства и Олимписки Игри, па така и на Мундијалот кој во моментов се одржува во Будимпешта.
Зики Санчез своите вештини ги прикажува на базените во Аризона. Скока во воздух и прави надреални акробации.
„Навистина е феноменално. Кога ги гледам сите тие позитивни реакции ме прават среќни зошто мислам дека секој може да направи нешто ако си стави во глава дека може“, вели Зики за Гардијан.
Татко му Фреди Санчез вели дека е многу горд што син му Зики ги крши сите стереотипи околу тежината и дебелите луѓе.
„Луѓето ги гледаат малите мажи и жени како ги прават овие прекрасни работи. Не мислам дека очекуваат да видат некој поголем да изведува такви скокови. Но Зики има срце. Работите кои ги прави не се лесни, потребен е многу напор. Зики е многу посветен. Не само со спортот туку со сè“.
Мајка му Анжанет Санчез вели дека негативните коментари само го мотивирале нејзиниот син.
„Тој е многу силен индивидуалец и спремен е да ја користи мотивацијата за да продолжи. Многу ја ценам неговата посветеност“.
Зики вели дека се надева дека со тоа што неговите видеа се споделуваат ширум светот, ќе биде причина да го забележат и тренерите по скокови во вода. Тој на осум години учествувал на двонеделен летен камп кога сфатил дека му лежат водни спортови како скокови и ватерполо.
Тој сега тренира во Ист Вали Дајв Клаб во Меса, во Аризона, со тренерот Лорен Лопез.
„Многу ја сакам атмосферата и дечките од тимот. Секогаш се забавуваме и се поддржуваме еден со друг“.
Зики верува дека еден ден ќе може да се појави на квалификациите за Олимписки Игри зошто настапот на истите му е сон.