Може ли човек да истрча маратон за помалку од два часа? Ова е едно од најважните прашања во светот на атлетиката. Во моментов светскиот рекорд изнесува - 2 часа 2 минути и 57 секунди. Во 2009. година олимпискиот шампион од Пекинг, феноменалниот кениски тркач Самуел Ванџиру кажа дека до крајот на 2015. година ќе истрча маратон за помалку од два часа. За жал, Ванџиру пред пет години загина од се уште неразјаснети причини.
Кенија е мошне сиромашна земја и како и многу Кенијци, така и Самуел Ванџиру почнал да трча од проста причина што му требале пари. Во еден период трчал дури и бос по 24 километри на ден - 12 кон школо, 12 назад дома. Мајка му на Самуел имала доволно пари за малиот да заврши основно школување, но не и средно образование.
Ванџиру одлучил да го посвети својот живот на трчање и се придружил на кампот за спортисти во градот Нјахаруру. Маратонецот Ајсек Мачарија во интервју за The New Yorker раскажал за тешките услови во кампот. Имале страшен дефицит од опрема, децата спиеле по двајца во еден кревет, за да се прехранат морале да собираат јагоди а ако ја пропуштат утринската ужинка, цел ден ќе останат гладни.
Самуел се вратил во школо после три години, но не во кенијско, туку во јапонско. На една трка го забележал јапонскиот скаут Шиниучи Кобајаши. Поранешниот тркач, 69-годишниот Кобајаши долго време живеел во Кенија каде работел со млади спортисти. На негов предлог, Ванџиру го примиле во школо во градот Сендај во Јапонија каде тој научил да зборува јапонски.
Не ја сакал јапонската храна, но бил свесен дека неговиот нов живот е далеку подобар од стариот. На 18 години, Ванџиру го срушил светскиот рекорд во полу-маратон кога истрчал за 59 минути и 16 секунди. Во 2007. година два пати го обновувал личниот рекорд. Во тоа време потпишал и спонзорски договор со Тојота.
Пред само пет години одел бос и јадел јагоди кои сам ќе ги набере, а сега наеднаш заработувал по 100.000 долари годишно. Ванџиру не само што станал класен и професионален тркач, туку и голема ѕвезда: Јапонците ја славеле секоја негова победа пред се поради фактот што одлично зборувал јапонски и го сметале за свој.
Кога имал неполни 20 години, Кениецот одлучил да се спрема за маратон на Олимписките Игри. Никој не верувал дека на таа возраст е способен да го освои маратонот и сите се повикувале на легендарниот Хајле Гебресиласие кој најдобрите резултати ги постигна по 30-та година.
Ванџиру го трчал својот прв маратон на 20 години во јапонскиот град Фукуока. Го освоил првото место и заминал во Африка да се подготвува за Олимпијадата. Неговите пријатели раскажуваат дека дневно тренирал по осум часа и доаѓал дома само за вечера. Во април 2008. година беше втор на големиот маратон во Лондон и реши да патува на Олимписките Игри.
Дента на маратонот, Пекинг го зафатило силно невреме. Температурата била над 30 степени а влажноста на воздухот 72%. Хајле Гебресиласие, рекордерот во маратон се повлекол од натпреварувањето под изговор дека се плаши за своето здравје (главната причина била во загадениот воздух).
И покрај сите неприлики, младиот Ванџиру победил. Водел на маратонот во Пекинг од почетокот до крајот. И не само тоа, туку го срушил олимпискиот рекорд за скоро три минути. Станал најмладиот победник на маратон на Олимписките Игри во последните 76 години и станал првиот Кениец што освоил злато на едни ОИ.
Набрзо после победата во Пекинг, Ванџиру почнал да пие и имал проблеми со зависноста од алкохол. Почнал со пиво во Јапонија, но правите проблеми за него се јавиле кога се вратил во Кенија (после ОИ 2008 го раскинал договорот со Тојота тврдејќи дека му треба повеќе слобода).
Близок пријател на Ванџиру раскажал во едно интервју дека Ванџиру можел да пие пиво цела ноќ, а адвокатот се потсетил на неговите зборови: „Ќе јадам колку што сакам, ќе тренирам кога сакам и пак ќе победувам“.
Заборавил на режимот и во 2009. година неговите пијанства не биле никаква тајна, но и покрај тоа тој го освоил маратонот во април во Лондон и големиот маратон во Чикаго во октомври таа година. Тренерите зборувале дека не пропуштал тренинг дури и кога главата го болела од мамурлук. Ден пред важните трки не пиел пиво, туку водка со Ред Бул и следното утро му било малку полесно.
На почетокот на маратонот во Чикаго 2010. година, Самуел Ванџиру не бил сметан за фаворит. Луѓето знаеле дека тој не ги завршил претходните два маратони поради повреда и слабо тренирал. Слушале дека многу пиел и дека водел непрофесионален живот.
Поради тоа големо изненадување било кога во првата минута стигнал до предност. Тоа била неговата тактика на маратоните: Да побегне на стартот, побрзо да ја истрча првата половина отколку втората. Некаде на средината од трката Ванџиру и Цегаје Кебеде од Етиопија се одвоиле од останатите. На 500 метри пред крајот Ванџиру го засилил ритамот, го престигнал Кебеде и победил.
Менаџерот на Ванџиру, Италијанецот Федерико Роза пред почетокот на таа трка признал дека неговиот клиент не е спремен, а после триумфот изјавил: „Семи победи благодарение на неговиот мозок и мадињата“.
И покрај нарушениот режим и лошиот начин на живот, Ванџиру трчал уште побрзо од Пекинг и со 2.06.23 победил на петтиот маратон во кариерата. Тогаш најавил дека сака да го сруши рекордот на Хајле Гебресиласие (02.03.59), но за жал тоа беше неговиот последен маратон во животот.
Не е познато што се случило тој 17. мај 2011 година во домот на олимпискиот шампион. Врз основа на достапните податоци, тој поминал шест или седум барови, па бил во ресторан каде се сретанл со Џејн Ндуто, келнерка со која што долго се познавал. Испиле неколку пијалаци и заминале кај Ванџиру дома. Неговата сопруга Тереза Н’Џери не била дома.
Келнерката Ндута изјавила дека кога стигнале дома, Ванџиру бил пијан и веднаш заспал. Набрзо се појавила сопругата која што викала по него во спалната соба и заминала. Ванџиру излегол на балкон и почнал да се расправа со сопругата, а неколку минути подоцна паднал од вториот спрат од висина од околу 5 метри. На пат кон болнциата умрел. Тоа е официјалната верзија за неговата смрт.
Според најраспространетата верзија, едноставно Ванџиру незгодно застанал на балконот, бил пијан, паднал и тешко ја повредил главата. Постои верзија според која тој извршил самоубиство. Кениската полиција на почетокот не зборувала за такво нешто. Ванџиру бил во лош однос со сопругата откако почнал да пие и правел проблеми по дома. Пола година пред неговата смрт, Тереза побарала развод откако Ванџиру една вечер дошол пијан дома и почнал да мавта со калашњиков кон неа.
Понекогаш зборувал дека сака да се самоубие во пораките кои и ги праќал на сопругата. На крајот, патологот Мозес Нџуе кој учествувал во процесот на аутопсијата бил сигурен дека Ванџиру е убиен, затоа што според него маратонецот паднал на колена и на раце. Повредата на главата, според Нџуе била предизвикана од друга лице откако младиот Кениец веќе паднал на земја. Со него се сложува и мајката на Ванџиру која смета дека него го убила сопругата поради тоа што сакала да го земе сиот негов имот.
„Јас сум болна жена, па дури и јас да паднам од таа висина нема да умрам“, рекла мајката на Ванџиру. Дури пет ипол години по смрта на маратонецот, се уште нема официјален запис за неговата смрт.
На Олимписките Игри во Рио, машкиот маратон ќе се трча како по традиција на последниот ден од турнирот. Главен фаворит за победата е Кенијецот Елиуда Кипчоге кој во 2008. година во Пекинг го освоил среброто на дистанца од 5.000 метри.
Тој лично се познавал со Самуел Ванџиру и го нарекува свој другар.
„Уште се сеќавам како трчаше на Олимпискиот стадион во Пекинг и го освои златниот медал во маратон. Самуел беше многу добар другар. Тажно е многу што сега лежи во гроб целосно заборавен“, изјави Кипчоге.