Овој спорт едно пет години пливаше во немирни и нејасни води со две паралелни федерации поради битка за превласт. На едната под името Пливачка федерација на Македонија прв човек беше Александар Маленко, а другата која сакаше да го смени се вика Национална пливачка федерација.
Маленко тврдеше дека валидна институација има само една со тврдење дека е признаена од ФИНА (Светска пливачка федерација), а неговите противници се повикуваа на тоа дека е нивната е пријавена во централен регистар, па се препукуваат преку медиуми.
По вчерашната информација од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на маратонот, дека неодржувањето се должи на тоа што сметката на пливачката федерација е блокирана, се огласи и актуелниот и поранешниот прв човек на оваа спортска институација.
„Сметката на Националната пливачка федерација е блокирана околу десет години, тоа не е ништо ново. Станува збор за сума од околу 100.000 денари. Ова е проблем кој се пренесува од едно на друго раководство, но еден ден мора да се реши. Не е сè изгубено, јас најмалку што сакам е да ми остане оваа дамка, дека во мојот мандат се прекинала една ваква, децениска традиција. Затоа верувам дека државата ќе ни излезе во пресрет, ова е настан од интернационален интерес.
Од ланскиот маратон, кога претседател на НПФ беше Маленко, имаме неплатена фактура од хотел Метропол Охрид, каде беа сместени пливачите и раководството. Станува збор за сума од околу два милиони денари! Имаме неплатен долг за Ковид тестови, сумата која од тој период се должи кон Центарот за јавно здравје изнесува околу 65.000 денари! Од печатница каде се печателе маици имаме фактура со износ од околу 100.000 денари! Долг кон ФИНА од 5.000 долари, неисплатени награди на пливачи“, вели за Фокус, Горан Стојановски, кој од февруари годинава ја има претседателската функција во федерацијата.
Неговиот претходник Александар Маленко кој живее во Словенија, се јави со долга реакција преку социјалните мрежи.
Тој вели дека додека маратонот го организирал во негов мандат, не добил ни денар од држата и претседателот и објаснува дека од оваа година има ново правило. Државата и федерацијата може да организираат маратон, но им дава до знаење дека ФИНА одлучила повеќе да не ги смета резултатите од трките на 25 км за официјални.
„Одекна во јавност, нормално за кај нас со непроверени информации, како е ред во светот на олимписки спорт дека оваа година НЕМА да се одржи традиционалниот меѓународен Охридски пливачки маратон -Св.Наум -Охрид 25км !? Па следеа разноразни изјави од некомпетентни личности и разноразни политичари и политички чиновници од политички партии – НЕБИТНИ во светот на Олимписки спорт…
Е сега вака, ќе одиме со ред (кратко и јасно) а документирано до запирка исклучиво на СУД (согласно закон и ред) во Македонија. Македонија со одлука на Влада од 1993 година како национален интерес го финансира Меѓународен Охридски Пливачки Маратон како дел од ФИНА светска серија за секоја календарска натпреварувачка сезона и генерален покровител е институција Претседател на држава.
ЧИТАЈ ДОБРО – До 2018 година државата преку институции Агенција за Млади и Спорт (годишна програма на пливачка федерација за меѓународни активности и манифестации од национален интерес) добивала 1.200.000 денари за организација, а награден фонд беше обезбедуван од „Телеком“ дивиденда и Генерален Покровител – Претседател на Држава – 20.000 долари!!!
Од 2018 година до 2021 година беа организирани три Меѓународни традиционално Охридски пливачки Маратони во ФИНА светска серија – 25км (2018, 2019, 2021г) како и Олимписка Дисциплина ФИНА-светска серија и ЛЕН европски куп (2018, 2019, 2021г) и ФИНА супер финале 2021 година – 10 километри. За волја на вистината, еден денар – ЕДЕН ДЕНАР, ДОЛАР, ЕВРО НЕ СЕ ИСПЛАТЕНИ ниту од ДРЖАВА ниту од Генерален Покровител – претседателор на државата за 2018, 2019, 2021 година на Пливачка федерација (носител на лиценца за организација) а добиени се највисоки награди во историја на олимписки спорт и Македонија за техничка организација од ФИНА – 9 плакети и Лен – 3 плакети на технички организатор Пливачка федерација и нејзино раководство период 2018-2021 година!!!
За волја на вистината, постојат видео и аудио материјал, постојат фотографии од дотичните претседатели на држава и нивни помошници, директори на Агенција за млади и спорт период 2018-2021 година кои присуствувале на доделување награди (без НИКАКОВ ФИНАНСИСКИ УДЕЛ ОБЛИГАТОРЕН ПО ЗАКОН).
За крај, најмалку е битно кој е раководство во федерација, туку битно е господа политичари и ваши полтрони во спортот да разберете дека со олимписки спорт и федерација не се игра, а најмалку се замајува јавност преку медиуми и ваши медиумски грачала за ефтини политички поени пред граѓани со лажни резултати и селски приредби кои си ги правите редовно со перење на државни и локални буџети за Ваш личен интерес, а во реалноста - ДНО ДНА!!!
Од 2022 година ФИНА одлучи дека нема повеќе во светот никаде, светска серија на 25 километри маратони под ФИНА, а секоја држава и федерација може да си организира локална или било каква спортска пливачка манифестација без никаква официјална резултатска вредност!!!
Постои олимписка дисциплина – 10км далечинско пливање која е во официјална светска серија ФИНА и ЛЕН Европски куп – 10 км олимписка дисциплина. Бујрум, направете ако Ве бива официјален пливачки маратон, НИКОЈ НЕ ВЕ СПРЕЧУВА, ама за официјален да ви биде во Европа и светот, ќе треба да аплицирате за четиригодишен договор однапред, онака како што Јас ставив потпис и спроведов докрај заедно со мој професионален тим, БЕЗ ВИЕ ДА ДАДЕТЕ ДЕНАР КАКО Е ПО ЗАКОН И ПРОГРАМА ОБЛИГАТОРНО, ама затоа сте на суд (до последен со име и презиме) и досега за сите клевети, лаги кон мене лично и неисплатени финансии од Ваша страна – 30.000.000 ден (ТРИЕСЕТ МИЛИОНИ ДЕНАРИ без КАМАТА) за пет години, имате две правосилни неспроведени пресуди и Ве чекаат во септември уште минимум две!!!
Ама Господ е еден и тој заедно со мене ќе Ви суди и во Лозана (Спортски арбитражен суд-ЦАС) а од таму нема бегање од пресуда и исплата до последен денар!
П.С. Лесно е да клеветиш по медиуми, бујрум со факти господа јавно на ТВ, да се соочиме пред нашите сограѓани, а пливачки маратони Јас со мој професионален тим професионално светски докажано спремам за 96 часа, каде сакате и кога сакате!!!
Ова го пишувам по лично убедување и почит од страна на Петар Јовановски мој спортски професионален колега и заслужен спортист на Македонија,како и на многумина јавни личности од секојдневниот живот,искрени љубители на врвен спорт и поддржувачи на врвен македонски олимписки спорт“, се вели во реакцијата на Маленко.
Охридскиот пливачки маратон за првпат се одржува во 1962 година на патеката Пештани – Струга долга 36 километри. Победува Египќанецот Абдел Латиф Абу Хеиф во машка и македонската пливачка легенда Атина Бојаџи во женска конкуренција.
Во меѓувреме се појави најновата информација дека маратон ќе се обиде да го спаси општина Охрид.