„Сигурно сакаш да го затвориш Александар Зверев во шише, да го ставиш зад чашата на кратко и да го сочуваш моментот. 20-годишниот тенисер се искачува кон врвот а ти сакаш да остане таму подолго и да нè остави да уживаме во чистото исчекување. Ќе стане ли тој уште еден голем талент кој ќе ја пропушти големата шанса и ќе падне на просечно ниво? Или ќе го достигне нивото кое му го предвидуваат со години. ’Во идинина, тој е јасен претендент за светски рекет број еден кажа еднаш Рафа Надал’, го почнува својот текст Дан Штајнберг за младиот Германец со руско потекло, роден во Хамбург.
Александар Зверев Јуниор потекнува од тениско семејство. Неговиот татко и тренер Александар бил поранешен тенисер и селектор на репрезентацијата на СССР. Брат му Миша Зверев кој е постар од него, го направи најголемото изненадување на Австралија Опен откако го елиминираше рекетот број 1 Енди Мареј.
На неодамна завршениот турнир во Вашингтон после долго време се појавија силни играчи и Зверев меѓу нив делуваше како дете кое носи пластични кегли. Но во првиот петок од турнирот го совлада Данил Медведев за 57 минути, а во саботата го победи Кеј Нишикори играч од Топ-10 за 63 минути.
„Чудесно, величествено“, викаше Џим Курие кога Зверев се пласираше во неделното финале против Кевин Андерсон.
Во мечот за титулата во Вашингтон, 20-годишниот Германец победи за 69 минути против ветеранот и најави дека брзо се искачува кон најдобрите 10 во светот. „Големата четворка“ на машкиот тенис - Роџер Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј и натаму одбива да го попушти стисокот врз овој спорт и како да смета дека следната генерација уште не дала достоен наследник.
Александар Зверев се насмеа минатата недела кога го прашаа дали би играл со неговата генерација. Зошто бројот 7 на светот би се споредувал себеси со друг 19,20-годишен тенисер кога тој сега има преку 15 победи против 20-те најдобри играчи на светот? Кога има ист број на трофеи сезонава колку Федерер? Кога штотуку стана најмладиот играч кој освоил четири титули во една година уште по 2008-та?
„Мислам дека веќе покажав дека можам да играм против големите. Не сум ’идниот голем тенисер’. Се обидувам да бидам сега во моментов“, вели Зверев кој синоќа во финалето на Монтреал со 6:3, 6:4 го растури Роџер Федерер кој до тој момент играше во страшна форма.
Додека и се заблагодаруваше на мајка му после победата над Андерсон во Вашингтон, Александар Зверев Јуниор изјави: „И благодарам на мајка ми што го шета нашето куче додека јас играм затоа што тоа уште не може да издржи два часа колку што знаат да траат мечевите“. Зверев Јуниор живее во Монако чијшто резидент е веќе неколку години а роден е во Хамбург на 20. април 1997 година и е 11 односно 10 години е помлад од Надал и Ѓоковиќ.
Александар Зверев долго време бил трениран од татко му на кого посебно му е благодарен (’Да не беше ти ништо немаше да биде можно’) но од сезонава почна да работи и со поранешниот светски број 1 Хуан Карлос Фереро.
Фереро смета дека најсилните карактеристики на малиот Зверев се сервата, форхендот и бекхендот.
„За 20-годишно момче ова е чудо“, изјави Фереро после победата на Алекс Зверев во Вашингтон. „Секако, мислам дека може да стигне до една од првите позиции на АТП Тур но мора да научи уште малку повеќе за менталниот пристап да биде посмирен во незгодни ситуации на теренот“.
Откако го освои Мастерсот во Рим кога го скроти Новак Ѓоковиќ, младиот Александар Зверев синоќа скроти уште една „ѕверка“ и заслужено го славеше триумфот против големиот Роџер Федерер за втор Мастер во кариерата а четврта титула во сезоната и десетта победа по ред. Воедно Александар Зверев ја прекина и серијата од 16 меча без пораз на 36-годишниот Федерер.
Зверев стана и шестиот тенисер во историјата кому му успеало до 21 година да освои два Мастерси во сезоната. До него тоа го сториле Мајкл Чанг (1992), Андреј Медведев (1994), Марат Сафин (2000), Рафаел Надал (2005 и 2006) и Новак Ѓоковиќ (2007).