Пред едно ИКС години вртејќи билтен у кладилница поред кафе у очи ми падна една утакмица од понудата. Пошто другар ми Бане седеше до мене решив малце да се позаебавам....Дерби Карипских Отока му викам. Свети Китс и Невис против Свети Винсент и Гренадини. Кец ко Водно...а Бане мртов ладен подигна глава и ме праша: Јеботе, тоа една утакмица е или турнир играат? Денес, истите тие Свети Китс и Невис, Свети Винсент и Гренадини заедно со уште еден „дупли“ остров Тринидад и Тобаго и една бивша холандска колонија Аруба имаат две заеднички работи покрај фактот што сите се острови во Карипско Море. Сите овие земји (да не се мучам да им куцам име уште по еднаш дугачко им се) се наоѓаат пред Македонија на официјалната ранг листа на ФИФА.
Прва утакмица на која отидов да ја бодрам репрезентација беше у девеес трета или четврта и беше пријателска против Естонија. За да идам морав да киднам од школо додека цел клас (оние што останаа) залепени до транзистор слушаа пренос од истата утакмица. Победивме 2:0. На првата службена против Данска во квалификациите за ЕП 96та (кога Панчев му даде лакт на Данецот) моите не ме пуштија (тогаш имав 14 години) па киднав од дома лажејќи дека текмата ќе ја гледам кај истиот Бане од погоре. За втората у циклусот против Шпанија (онаа кога Салинас ни даде два гола а Кире Трајчев се промовираше како кандидат за пливачка репрезентација) добив дозвола ама од пусти мерак на стадион влегов два и пол саата пред почеток. У меѓувреме како растев почнав да подработувам па не ми сметаше никад парите да ги потрошам за да тргнам на гостување на репрезентација...Го јадев ќотекот во Братислава, бев сведок на јуначките 0:0 во Манчестер, бев двапати во Амстердам, Белград, Загреб, Глазгов, Брисел, го јадев срамот (првиот од Луксембург) а бев и во Валенсија кога не прегазија Шпанците 5:1....Има тука уште еден куп утакмици и дома и на гости и баш затоа се чувствувам повикан да дадам свое мислење.
Од вчера сум навивач на 132та репрезентација во светот. За разлика од многу од вас, нема да се откажам од неа, ама длабоко ќе подразмислам дали вреди да лупам километри и да трошам пари за екипа која повеќе личи на туристичка група у посета на некој европски град отколку на озбилна екипа која ќе биде такмац на европските конкуренти. Кои се причините што се донесовме на ова дереџе и дали може да посочиме кривец? Први на листата на срамот треба да дојдат мафијашите од ФФМ...и тоа не Ѕинго...баталете го него. Маркизот од Кратово беше светец у споредба со оваа багра која сега седи у ФФМ. Во последните десет години репрезентацијата се претвори во менаџерска агенција. Повик не се добиваше ако го заслужиш, него ако платиш 10,000 евра (и цифрата е прецизна од извори кои ја искеширале) а низ неа продефилираа фудбалери кои немаат квалитет да го носат дресот на мојата маалска екипа во мал фудбал а не па да го облечат најсветиот од сите дресови. Креаторите на политиката во ФФМ успеаа да донесат селектори-незналици на кои составот им го правеа други, а овие не поставуваа прашања за играчите кои им ги носат (Бабунски на Тошак) или пак селектори-циркузанти со сумњив вкус на облакање кои пробаа ни мање ни више 62 фудбалери (Бошко Ѓуровски). Па добро бе мајсторе... 62 играчи??? Уште јас неповикан останав.
Неоспорен факт е дека и играчите сносат голем дел од вината, ама менаџментот на ФФМ со својата индијанска политика на селекција на фудбалери според мене е најголемиот кривец за овој шамар. И додека ФФМ фура демагогија како направиле нешто за фудбалот со пари што ги добиле од УЕФА и ФИФА, нивната работа ги отсликува како гробари на фудбалот во Македонија . Додека лицемерно тврдат дека работат на подигање на нивото на фудбалот и враќање на публиката на стадионите, упорно одбиваат да се договорат со МТВ (или друга ТВ куќа)околу пренос на Првата Лига. Врвот на нивното лицемерие се виде на Супер Купот кога стотина Вардарови навивачи не успеаа да влезат на стадион и да го бодрат својот клуб затоа што ФФМ при продажба на картите бараше извод од матично, уверение за државјанство, потврда за неосудуваност, диплома за завршено средно....Така не идеме нигде другари. Ако вие се плашите дека цел стадион ќе скандира Илчо Педер – ФФМ мафија не значи дека имате право да си правите приватна журка од Супер Купот. У целиот циркуз околу Супер Купот и ваљда ради фактот што обично навивачите на Вардар се најгласни во своите критики, ФФМ почна некоја хајка против Вардар. Некоја Дон Кихотовска битка со ветерници. Додека у тајност на Слога (и немој некој да ми каже дека клубот се вика Шкупи) и ја намалија суспензијата за напад на младинската екипа на Вардар, истиот Вардар, заради своите навивачи е жртва на ФФМ. Па така иронично, ФФМ покренала постапка против Вардар (кој се огради од своите навивачи, а тоа се истите оние што ФФМ не сакаше да ги пушти на утакмица) за скадирањата ИЛЧО ПЕДЕР – ФФМ МАФИЈА на утакмица која самата ФФМ ја организира....Тешко е да ја најдете логиката нели? Е меѓутоа ајде искрено да видиме дали од луѓето кои што ја донесоа Македонија на 132 место може да очекувам логика.
132то место боли...стварно боли....Пошто работам работа заради која сум во контакт со многу луѓе од целиот свет тешко ми е да кажам дека Македонија е моја репрезентација. Од Лихтенштајн ме подјебаваат, а од Фарски Острови ми се смеат. Дел од вината ја сносат фудбалерите кои безмудашки играат на секоја утакмица и чија единствена цел во кариерата е да заиграат на некоја Казакстанска или Азербејџанска ливада без трунка гордост поради фактот што го носат репрезентативниот дрес (Чичко Дончо врати се да ги васпиташ). Дел од вината ја сносат селекторите кои дозволуваат „менаџерите“ во ФФМ да им ја прават селекцијата на играчи (секоја чест на Сречко Катанец и Чеде Јаневскки кои тоа не го дозволуваа). А најголемиот дел на вината е во фотељашите од ФФМ. На задњата репрезентативна утакмица против Шпанија, против една од најдоминантните репрезентации во последнава деценија, не успеаа да го наполнат стадионот. Истата таа Шпанија на која пред точно 21 година се потепав да влезам два и пол саата пред утакмица.
Епа дечки доста е...Ако вие не сфатите дека за такво не ве бива тешко дека некој ќе успее да ве убеди во тоа. Знам дека многу од вас се повлекоа и не сакаат да идат на репрезентација поради проблемите за кои пишувам. Тоа не е решение. Од фудбалска гледна точка бојкот никогаш не е добар...единствено нешто што се постигнува со тоа е да им се даде легитимитет на индијанците да продолжат со своето аматерско ниво и да ја деградираат оваа земја и понатака. Протест се искажува на трибина...со пароли, со бакљи на терен, со скандирање....само така гласот ќе се чуе! Само така може да се направи промена. Со ќутење револуција на бидува. Кога почнав да ја пратам репрезентација имав огромна желба да ја гледам барем на една големо такмичење....барем на едно. Желбата се претвори сон, а сонот полека станува кошмар.
Таки Бошкоски