Здравко Дејановиќ е еден од шестмината Македонци кој го има искачено највисокиот врв во светот Монт Еверест, висок 8.848 метри. Другите се Диме Илиевски Мурато, Глигор Делев, Сашко Кедев, Илина Арсова и Златко Јаковски.
Во неговото портфолио влегуваат и К2, кој е втор по височина на 8.611 метри и кој технички важи за најтежок, како и Анапурна, кој се води како најсмртоносен врв во светот и кој е висок 8.091 метар.
Монт Еверест го искачил во 2010-та како дел од руска експедеција, со личен шерпас, кој му ја носел опремата, и кој се грижел за сè, додека на К2 бил без шерпас, што значи сам ја носел опремата, местел шатори и се грижен за цела логистика. Користел само една боца за кислород, без разлика што за поискусните и физички поспремните како него вели дека се потребни три боци.
Следната цел му е врвот Лотце, четвриот врв во светот, висок 8.512 метри. Но желбата за таму му е да направи уште потежок подвиг, а тоа е да се искачи комплетно сам, без шерпаси и боци со кислород.
Веќе имал еден обид и стигнал до 8.000 метри, но за да го освои го спречило невреме. Тогаш имало околу 120 алпинисти од кои само Здравко и уште двајца Пољаци биле во соло искачување.
„Би напоменал дека на К2 имавме искачување во зимски и тешки услови, што посебно се цени, на температура од -50. Од таа температура добивме психолошки проблеми, буквално не удри таа ниска температура. Прво почна челото да ни се смрзнува и покрај тоа што имав капа. Помислив дека капата не е квалитетна, но за кратко време почна цело тело да ми смрзнува, односно не да ми смрзнува, туку го имав она чувство како нешто да ми го лади телото“.
Инаку Дејановиќ за време за искачување за 7 дена изел само два оброка и тоа го објаснува на следниов начин.
„Над 7.500 метри физиолошката состојба на телото е блокирана. Немате чувство на глад, туку само на жед, бидејќи дехидрирате, ви се суши устата и неопходно е да пиете течности. Не помислувате на глад, туку опсесија ви е секој нареден чекор. И да имате храна, телото не ви ја прима, бидејќи нема доволно кислород, ви се гади и имате главоболка. Тоа е кај секој така. Едноставно се чувствувате како да сте болен. Морате тоа да го пребродите и да си кажете дека тоа се само симптони. Тоа е вештината на хималаизмот“.
Себе се сметал за атлетичар, кој и ден денес вели дека му е матичен спорт, а планините порано не го привлекувале. Со планинарство почнал на Водно, кое до тогаш го сметал како понижување за неговиот атлетски статус. Но првиот шамар од планината го добил токму од Водно, бидејќи првиот пат не успеал да се качи нормално и морал да прави паузи.
Тогаш сфатил дека трчањето и планинарење се два сосема различни спортови. Но таа казна му траела само неколку минути и во тој момент веќе бил заробен од планината. Од тогаш не е застанат околу 25 години.
Потоа на секои два три дена одел на планина и ги искачил Пелистер, Солунска глава, Кораб...Околу 2000, 2001-ва година во планинарскиот дом на Водно имало објава од клубот Бистра дека се организира искачување на Мон Блан, а тоа го опишува како клешта за него.
2.746 метри високиот Титов врв му е рекорд и го има искачено околу 250 пати. Дејановиќ смета дека 99% за овој спорт е менталната сила.
Погледнете го неговото гостување на Тв Алфа.