Дуплантис леташе до облаците за нов светски рекорд

Швеѓанецот Арман Дуплантис продолжи да доминира во дисциплината скок со стап и го освои златниот медал на Светското првенство во Орегон, САД.

Неверојатниот Дуплантис (22) скокна 6,21 метри и за цел сантиметар го подобри сопствениот личен рекорд, притоа ги остави сите конкуренти далеку зад себе.

Дуплантис по петти пат го соборува светскиот рекорд кој сам го поставуваше претходно од 2020-та па наваму а сега ќе добие и парична награда од 100.000 долари за овој подвиг на Светското атлетско првенство.

Во јуни на етапа од „Дијамантската лига“ во Стокхолм, Дуплантис скокна 6,16 и го подобро својот претходно поставен светски рекорд. А сега скокна за цели 5 сантиметри подобро и постави нов, тешко достижен светски рекорд.

На 22 години, популарниот Мондо како што му е прекарот, е олимписки шампион од Токио 2020, европски шампион и светски првак. Никој никогаш како него.

Зад него, Крис Нилсен и Ернес Обиена скокнаа по 5,94 и ги освоија среброто и бронзениот медал.

25 јули 2022 - 10:26