Приказната за стартот и првите предвидувања за Новак Ѓоковиќ се како од бајките. Потекнуваат од Јелена Генчиќ, која открила и тренирала тенисери со вкупен број од 35 Гренд Слем титули. Ѓоковиќ 23, Селеш 9, Иванишевиќ 1, Јаушовец 1 и Мајоли 1.
Се работи за 32 кратен шампион на Југославија, која покрај тенисерка, била и голманка на ракометната репрезентација на Југославија со која настапила на Светско првенство и Олимписки игри.
Го тренирала од 5 до 12 години и му дала преку 3.000 бесплатни часови, рекети, топчиња и бројни животни упатства и совети. Како на пример да слуша класична музика, да учи поезија и ботаника. Плус секој ден му ја зголемувала самодовербата.
Новак Ѓоковиќ е всушност откритие на Генчиќ, инаку почината во 2013-та на 76 години. Уште не тргнат на школо, таа видела во него иден шампион кој ќе треба да купи голема куќа за да му го собере трофеите. Клучна била нивната прва средба на Кoпаоник.
Додека Јелена Генчиќ држела тренинг на тенискиот камп видела дете кое стои и ги гледа. Стоел на оградата и не мрдал два часа. Му пришла и го прашала:
„Како се викаш? Новак. Презиме? Ѓоковиќ. Колку години имаш? Пет и пол. Што правиш тука на ограда? Ве гледам. А знаеш ли што правиме ние? Како не, играте тенис. Би дошол ли со нас да играш? Па јас цело време чекам да ме викнете. Јас радо би те викнала, ама немаш рекет. Имам рекет, ми го купи татко ми, ама никогаш не сум играл. А имаш ли патики, шорцеви? Имам сè. Би дошол ли во 14? Доаѓам.
Во 13:30 гледам дете како стои зад затворената капија со торба. Го прашувам зошто порани, а тој мртов сериозен: Не сум подранил.
Ме копка да видам што носи во торбата, ѕиркам и гледам спремна торба за АТП. Рекет, топчиња, маица, капа, банана, пешкир, вода. Поздрави ја мајка ти како убаво ти ја спремила торбата. Тој ме пресече и ми одговори:
Јас играм тенис, а не мајка ми. Сам ја спремив торбата.
Тоа ми даде некој знак. Кога дојдоа другите деца и другиот тренер, му реков дека ова е мој“.
15 минути после тренингот, Јелена го прашала Ѓоковиќ со кого е тука и дали може да му ги запознае родителите. Тој ги повикал, а таа им се претставила со следниот муабет.
„Добар ден, јас сум Јелена Генчиќ и ова што ќе ви го кажам сега, сум им го кажала само на родителите на Моника Селеш. Ова дете, ако биде правилно водено со програмата која ја имам за него, на 17 години ќе биде меѓу првите 5 тенисери во свет.
Ѓоковиќ се спортска фамилија. Родителите на Новаќ скијаа на Копаоник и за да бидат таму цело лето отворија пицерија. Беа зачудени од моите тврдења, а кога ќе размислам, мора да помислиле дека не сум нормална. Срѓан се распрашал кај новинарите кои беа на Копаоник која сум и кога му кажале дека јас ја создадов Моника Селеш, ми поверуваа“.
Како трениравте со Новак?
Работевме крвнички. Негов идол беше Пит Сампрас и тој сакаше да копира елементи од неговата игра. Го сакаше сервисот и волејот на Едберг, како и агресивниот форхенд на Агаси. Тоа и не беше баш лесно да се постигне, но работевме на тоа. Мислам дека неговите имитации од начинот на игра на другите тенисери, кои денес ги сака публиката, потекнуваат од таа доба.
Беше многу дебел, но не му дозволував да крева тегови. Му објаснив дека тоа не смее да го прави пред крајот на пубертетот, бидејќи така нема да порасне и фитнесот ќе му донесе поголеми мускули, ама ќе му ја намали брзината и еластичноста. Тоа што денес е висок и брз покажува дека сум била во право.
Без разлика на временските услови, инсистирав да игра на отворено за да има свест за теренот и да се соживее со него. Никогаш не му го оспорував она што го правеше добро, но го поттикнував тоа да го прави уште подобро со зборовите: Тоа е добро, ама ајде да се потрудиме да биде перфектно. Бидејќи и двајцата сме перфекционисти, тој пристап имаше успех.
Новак е многу поврзан со својата фамилија?
Да. Тенисот е многу скап спорт, а Ѓоковиќ не беа богати. Живееа во изнајмен стан и кога Новак ќе направеше некој од почетните успеси, мораа да се селат, затоа што им ги покачуваа кириите, мислејќи дека имаат многу пари. Кога Новак почнуваше татко му беше мирен човек, но кога потребите за пари растеа, стануваше се понервозен. Баравме спонзори, одевме од врата на врата и сите, ама баш сите ни се смееа. Еднаш Срѓан ми рече: Само да знаете колку пати си го ставив ножот под врат. Позајмуваше пари и кога ќе немаше да ги врати позајмуваше од друг.
Предвидов дека Новак ќе биде меѓу првите 5 во свет на 17 години, а тој стана на 19. Дојде до закаснување, бидејќи не можеше да игра на 11 меѓународни турнири, на колку беше неопходно да се појави. Тие турнири беа важни, бидејќи на нив се стекнува искуство. Новак играше само на два, бидејќи само за толку имаше пари. Кога се појавија првите спонзори, го советував Срѓан да ги одбие, бидејќи тоа беа само пешкири и рекети. Му реков да го сочека моментот кога тој ќе ги диктира условите. Ме послуша, но не му беше лесно да направи тоа.
Кога го прашала Новак кој е твојот сон? Тој одговорил да биде најдобар во свет.
„А имаш ли нешто посебно? Да освојам Вимблдон.
Јас имам играно на Вимблдон, ама не бев толку добра како тебе. Воопшто не се плашам и знам дека ќе го освоиш Вимблдон“.
Потоа го учела како се држи говор, како да се поздравува со кралицата и како 32 кратна шампионка на Југославија чија куќа е полна со трофеи го однела дома.
На прашањето на Ѓоковиќ дали тој ќе успее барем еден пехар, таа му одговорила:
„Ти ќе мораш да купиш голема куќа за да ти ги собере сите пехари“.
Кога пред камера зборувала за неговиот талент, Генчиќ го објаснила Новак со следниве зборови.
„По сите овие години кои ги поминав со него, кога видов пред сè во каков човек се развива, се разбира и како спортист, сигурна сум само во едно. Неговиот дар не доаѓа од овој свет“.