Во целата историја на спортот тешко дека има пожална приказна од онаа за последната кошаркарска репрезентација на Југославија, европскиот Dream Team кој во 1989. ги ишамара сите противници со по дваесет разлика и стана шампион на Европа, за следната година да ги потепа СССР и САД за титулата светски првак - терајќи ги Америте за реваншот на Олимпијада 1992. да го соберат својот Dream Team, најсилната спортска екипа на сите времиња и на крајот на 1991. на врвот на славата, да ја одбранат континенталната титула, триумфално враќајќи се во земјата која во меѓувреме престана да постои.
Беа моќни и непобедливи, беа европски и светски прваци, и беа најдобри пријатели - сè она што државата која што ја претставуваа не беше.
А во целата екипа на тажни јунаци тешко дека имаше потажен од Јуре Здовц кому тоа лето требаше да му биде најсреќно во животот.
Откако во 1988. доби повик од селекторот Душан Дуда Ивковиќ за Олимпијадата во Сеул, па во следните три години со репрезентацијата го прошета светот, тие денови потпиша и за Кнор од Болоња, а само две недели по Европското првенство закажа и венчавка и ги покани на свадба сите пријатели од репрезентацијата.
Така светот се простре пред Јуре како хектар празен паркет за тројка, кога тој мај со другарите се најде во Пореч, на подготовки за Евробаскетот.
Месец дена подоцна, на 22. јуни, денот кога Ивковиќ ги зема Здовц и дружината во Рим, Милан Кучан и Фрањо Туѓман во Загреб ги усогласуваа одлуките за државно осамостојување, а американскиот државен секретар Џејмс Бејкер, својата посета на Белград ја заврши со зборовите „Искрено, јас сум загрижен“.
Кога на 24.јуни, Здовц и дружината, на отворање на Еуро ја победија Шпанија, словенечкиот парламент го подготвуваше за утредента изгласувањето на законот за самостојност. Кога на 26.јуни, со победа против Бугарија се пласираа во полуфинале, авионите и хеликоптерите на ЈНАго надлетуваа плоштадот на ослободувањето во Љубљана, кадешто граѓанитего славеа прогласувањето на словебнечката независност и конечниот крај на Југославија.
Конечно, кога два дена подоцна, на 28. јуни веќе непостоечката Југославија играше полуфинале со Франција, крвта веќе течеше, тенковите на ЈНА од Хрватска ја преминаа границата крај Гибина, а југословенските воени авиони маваа по аеродромот Брник.
Таа ноќ ни Јуре ни неговиот цимер Тони Кукоч не спиеја. Дописникот на Дело, Стане Трбовц, утрото на Јуре му го пренел повикот на словенечката Влада веднаш да се врати во Словенија, зошто „навредливо е за словенечкиот народ словенечки спортисти во ваква ситуација на меѓународни натпреварувања да настапуваат за Југославија“.
Во дрес на Олимпија, изгубен и исплашен, Јуре на утринскиот тренинг се договарал со Јанез Дрвариќ, тренерот од Парденоне, како после Европското воопшто да се враќаат за Словенија.
Два часа пред финалето, расплакан му тропнал на врата на селекторот Ивковиќ. Ако заигра, за Словенија ќе биде предавник, ако не заигра, ќе ги издаде другарите од соблекувална. Дуда му рекол да не се грижи. Тој на играчите и новинарите ќе им објасни дека не е подготвен.
И победата во полуфинале против Франција и триумфот против Италија во финале, Јуре ги гледал на телевизија од собата во римскиот Холидеј Ин. На перничето од кое убавите италијански хостеси ги делеа медалите, една златен медал остана недоделен, а едно место остана празно и во авионот со кој шампионите во недела предвечер слетаа на пустиот сплитски аеродром. Тие саат време во авионот од Рим со пехарот за шампион на Европа, најдобрата бела екипа на сите времиња беше екипа од некоја епизода на „Зона на самракот“, фантомска селекција на државата која што веќе ја нема.
На сите нив тие денови им се распадна Југославија, само на Јуре му се распадна цел свет.
Златниот медал што остана на перничето во римската сала Палеур, Душан Ивковиќ му го донел многу години подоцна, кога старото друштво, наместо на онаа свадба во јули 1991 се собра на прошталниот меч на Јуре во 2005. во салата Тиволи. Јуре тогаш ја заврши својата величествена кариера, во која со францускиот Лимож освои Евролига, а со Олимпија како МВП и Јадранска Лига. Сплит, на пример, никогаш не заборави како во 2003. му се придружи на пензионерот Дино Раѓа и после единаесет години доминација на Цибона, му ја донесе до ден-денес последната шампионска титула, кога на голем транспарент во салата Грипе пишуваше: „Немамо новца, ал’имамо Здовца! - но најголемите успеси на Јуре и трофеи сепак засекогаш останаа во „Зоната на самракот“, во оној фантомски авион кој до денес кружи над непостоечката земја, заедно со митолошкиот сандак полн неосвоено олимписко, европско и светско злато.
Триесет години поминаа од тогаш, кога пред две недели во Белград тивко почина големиот Душан Ивковиќ, а друштвото повторно се собра на белградското Ново гробље, каде Здовц заедно со Раѓа, Дивац, Паспаљ, Даниловиќ и Обрадовиќ го носеше телото на Ивковиќ. Никогаш Јуре не ги заборави старите другари и она величествено тажно лето.
„Можеби не требаше со нив да бидам на погребот на Дуда зошто ги напуштив во Италија“, на крај на новинарите им рекол скромниот, добар Јуре Здовц, што еве веќе цели триесет години како тежок ковчег полн неосвоено злато на својата совест носи еден дамнешен туѓ грев.
Но, јебеш Југославија, јебеш Словенија, јебеш тоа. Сè што вреди и онака стои во онаа акција кога како јастреб кружиш со топка, ги тераш Дино, Владе и другарите под кош, а со нив како врабец ги втеруваш под рекет и сите Бугари, па елегантно се креваш и ја потегнуваш последната тројка на оној свој недовршен живот, за дваесет разлика и едно никогаш одиграно полуфинале, за тивко да заминеш кога си на врвот, непобеден.
Сè останато е само еден обичен човечки живот. Секој го има, го имате и вие. Единствено тоа го немате и никогаш нема да го имате. Го има само големиот, непоразен Јуре Здовц.
Тоа се, јебига, дваесет разлика.