За европскиот првак Вардар е тепачка за карти

Иако ние немаме западњачки менталитет и чекаме до 5 до 12, сепак кога е во прашање актуелниот шампион во Европа, друг е муабетот. Вардар го пречекува Кил за 11 дена, а карти за седење веќе нема.

Четвртфиналната пресметка меѓу РК Вардар и Кил во Лигата на шампионите стартува во недела на 22 април, но најверните навивачи на Вардар веќе мислат на реваншот закажан за една недела подоцна во Скопје.
 
Карти за седење за тој натпревар на ticketplus.mk нема, што значи Јане Сандански ќе крца. Цените изнесуваа 400 денари позади гол, 500 на централните трибини и 600 во А блокот и сега единствена опција за тие што имаат желба и 200 денари в џеб е опцијата за стоење.
 
 
Ако четвртфиналниот меч против Митјиланд беше можност за скопската публика да се збогува со ракометарките на ЖРК Вардар, ова нема да биде исто, ама нешто слично, бидејки и РК Вардар го напуштаат дел од костурот на тимот.
 
Од македонскиот, регионален и европски првак си заминуваат Арпад Штербик (Веспрем), Лука Циндриќ (Кјелце), Илија Абутовиќ (Рајн Некар), Мијајло Марсениќ (Фуксе Берлин), како и најдобриот тренер за 2017-та, Раул Гонзалес кој потпиша за ПСЖ.
 
Хендбол Планет денеска пренесува информација дека на лето од Вардар ќе си замине и Жоан Кањелас кој ќе игра за ПИК Сегед, а од неодамна се зборува дека таму заминува и Хорхе Македа.
 
Како и да е Ел Команданте на 29 април за последен пат ќе ги води Вардарци пред своја публика во Лигата на шампионите, а тоа ќе биде можност повторно да ги однесе на Фајнлфорот во Келн каде ќе следува битка за одбрана на европската титула.
18 април 2018 - 13:34