Германскиот првак во Скопје стигна само со девет ракометарки па гостинскиот тренер Милер на клупата за резерви имаше две голманки и само една ракометарка. Сево ова поради голем број повредени играчи.
Парадоксално и сосема неочекувано тоа не му ја олесни дополнително работата на македонскиот шампион затоа што германската упорност уште еднаш се потврди. Борбените Германки враќаа на секој гол на Вардар со погодок па на паузата после 30 минути игра се замина со изненадувачки 12-12.
Вториот дел донесе нов момент затоа што Милер одлучи да постави формација 7-6 и реши да оди на се или ништо, но тоа против Вардар значеше само едно - изрешетана мрежа. Можност да заиграат покрај поискусните колешки добија и Керамичева, Саздовска и Петровиќ .
Јованка Радичевиќ и Кузњецова го полнеа голот на Турингер па брзо Вардар направи серија 5-0 после 11 минути игра во второто полувреме и обезбедија +6 (20-14). Девојките во „црвено-црно“ поведоа и со 8 гола разлика (23-15) а на крајот конечниот резултат гласеше 29-21, сосема исто како и на првиот дуел кај Турингер.
Најдобра вест од овој меч е одличната форма на Александра Лакрабер која беше играч на натпреварот со седум гола. Црногорската репрезентативка Радичевиќ даде шест, Полина Кузњецова запиша пет а Андреа Пенезиќ четири.
Кај гостинките Ивета Лузумова даде шест гола а Јана Краузе која го чува голот на Германија имаше 10 одбрани и го спаси својот тим од поубедлив пораз.
По ова шесто коло завршува групната фаза во Лигата на шампионите и следува Мундијалот во Германија. Ракометните возбудувања во ЛШ ќе продолжат на 26. јануари кога ќе се формираат две нови групи со шест тима - главна фаза после која ќе се знае кои екипи ќе играат на Фајнал Форот.