Лига на шампиони

Вардар на мегдан со Барса, Металург против Бешикташ и Монпеље

Македонските клубови ги добија противниците во новата сезона од Лигата на шампионите. „Металурзите“ од Автокоманда можат да бидат позадоволни затоа што добија ривали по мерка.

Европскиот шампион Вардар битката за одбраната на титулата во Лига на шампиони ќе ја почне во групната фаза против Барселона, Нант (Кире Лазаров), Некар Левен (Филип Талески), Загреб (Велко Марковски), Висла Плок, Сегед и Кристијанштад.

Вицешампионот на Македонија, Металург, со песна се враќа од ждрепката во Словенија каде како носител во групата Д во Лигата на шампионите ги доби: Монпеље, украинскиот Мотор Запорожје, рускиот шампион Чеховски Медведи, турскиот првак Бешикташ и еден квалификант од квалификациската група каде се Спортинг Лисабон (Португалија), Кокс (Финска), Татран Прешов (Словачка) и Алпла (Австрија).

Пласман во следната фаза ќе осигураат првите два тима од секоја група кои потоа ќе вкрстуваат Ц1-Д2 и Ц2-Д2 на пат кон осминафиналето.

ГРУПА А: Барселона, Вардар, Некар Левен, Загреб, Висла Плоцк, Сегед, Кристијанштад, Нант.

ГРУПА Б: Веспрем, Кјелце, ПСЖ, Алборг, Мешков Брест , Целје, Фленсбург, Кил.

ГРУПА Ц: Адемар Леон, Скјерн, Горење, Шафхаузен Кадетен, Динамо Букурешт и Елверум.

ГРУПА Д: Металург, Мотор Запорожје, Монпеље, Бешикташ, Чеховски Медведи, Квалификант.

ЧЕТИРИ НОВИ ТИМА ВО ОДНОС НА ЛАНИ

14 тима од 16 кои играа минатата сезона во групите А и Б од Лигата на шампионите, ќе играат и во новата а измени се француски Нант и дански Алборг на местото на Силкеборг од Данска и Кадетен Шафхаузен од Швајцарија. Тоа е одлука на ЕХФ при финалното комплетирање на тимовите кои ќе играат во групната фаза.

Силкеборг не обезбеди место во елитното друштво а швајцарскиот Шафхаузен го префрлија во групите Б и Ц пред ждрепката. Таму нови екипи ќе бидат Адемар Леон, Скјерн, Горење Велење, Холстебро и Брага.

Од вкупно 28 клуба кои лани играа во ЛШ, во новата сезона ќе играат 23.

ШЕСТ МАКЕДОНЦИ ВО СТРАНСКИ ЕКИПИ ВО ЛШ

Доказ дека ракометот е спорт број еден во земјава ќе биде и фактот што во новата сезона, покрај Вардар и Металург, нашата земја ќе има свои претставници и во шест други тимови. Борко Ристовски во Барселона, Велко Марковски во Загреб, Немања Прибак во Бешикташ, Кире Лазаров Нант, Дејан Манасков Веспрем и Филип Талески Левен.

30 јуни 2017 - 22:11