Вардарци реализираа први, преку Хорхе Македа кој истрча добра контра на асистенција на Тимур Дибиров. Следуваше брз гол на Даниел Шишкарев за 0-2 по додавањето на Македа. Во воведните 6 минути, Вардарци постигнаа 4 голови а веќе во 10-та минута, Дибиров го круниса одличниот период на Скопјани кои водеа со убедливи 8-3.
Фуриозно играше македонскиот шампион и во одбрана и во напад, а Штербик на голот запиша 5 одбрани за 11 минути. Алем Тоскиќ покажа дека одлично го владее лоб ударот, потег со кој постигна два од трите гола за водство на Црвено-црните од 9-4.
Предноста на Вардар почна да се топи во 17. минута, кога по неколку неприсебни додавања во нападот, Швеѓаните отвораа контри и намалија на 9-10. Црната дупка и неверојатниот пад на Вардарци траеше 5 минути во кои Скопјани примија 5 голови и Кристијанштад за првпат израмни на 10-10. Домашниот голман, Симиќ (син на тренерот на голманите на Вардар) забележа 7 одбрани во тој период.
Првото полувеме заврши со водство на Вардар 13-15.
Со ракометна класика и пивотирање, Алем Тоскиќ го постигна петтиот гол на отворањето на вториот дел, интервал во кој Вардар имаше три голови предност 17-20. Со 16 одбрани до 42-та минута, Штербик беше мотиватор на соиграчите кои го оддржуваа водството.
На високи 6 голови предност во 46. минута, Вардар дојде благодарение на сигурната одбрана од која произлегуваа ефикасните напади. До крајот, Швеѓаните се обидоа да се вратат резултатски, но гостите одлично го чуваа водството и заслужено ја славеа третата победа на третиот меч во ЛШ, 30-25. Најефикасни ракометари беа Тимур Дибиров и Ален Тоскиќ со по седум погодоци.
Вардар од Шведска патува директно за Србија, каде во вторник ќе го игра натпреварот од СЕХА лигата против Спартак. Во следното коло од ЛШ, македонскиот првак го пречекува германскиот Рајн-Некар следната сабота во Скопје.