СП 2021

Што, каде, кога, како - сè што треба да знаеме за ракометниот Мундијал

Во среда од 18 часот со мечот меѓу домаќинот Египет и Чиле се отвора Светското првенство во ракомет, прво во историјата со 32 учесници. Ќе се игра од 13 до 31 јануари. Без гледачи.

КОИ СЕЛЕКЦИИ НАСТАПУВААТ?

Група А: Германија, Унгарија, Уругвај, Капе Верде
Група Б: Шпанија, Тунис, Бразил, Полска
Група Ц: Хрватска, Катар, Јапонија, Ангола
Група Д: Данска, Аргентина, Бахреин, ДР Конго
Група Е: Норвешка, Австрија, Франција, САД
Група Ф: Португалија, Алжир, Исланд, Мароко
Група Г: Шведска, Египет, Македонија, Чиле
Група Х: Словенија, Белорусија, Јужна Кореја, Русија.

Распоред на натпревари на нашата репрезентација:

14 јануари (четврток) – Шведска – Македонија во 21:30 часот
16 јануари (сабота) – Египет – Македонија во 19 часот
18 јануари (понеделник) – Македонија – Чиле во  16:30 часот

КАКОВ Е СИСТЕМОТ НА НАТПРЕВАРУВАЊЕ?

Новиот систем со 32 селекции подразбира и нови правила. Во првата фаза, 32 репрезентации се поделени во 8 групи со по 4 селекции. Во следна рунда ќе одат првите три екипи од секоја група.

Во втората фаза ќе се формираат четири нови групи со по шест учесници. Во нокаут ќе одат по две најдобри репрезентации од секоја група.

Следуваат четвртфинале, полуфинале, меч за трето место и финале. Оние кои нема да ја поминат групната фаза ќе имаат утешно учевство на тн. Претседателски Куп (во турнирски формат со две групи) исто во Египет.

Во случај две или повеќе селекции да имаат ист број бодови, при распределување на местата ќе се гледаат следните критериуми:

- број на бодови освоени во меѓусебниот меч
- разлика на голови во меѓусебниот меч
- број на постигнати голови во меѓусебните натпревари
- ралика на постигнати и примени голови во сите натпревари од фазата
- број на постигнати голови во сите натпревари

КОГА СЕ НАЈИНТЕРЕСНИТЕ ДУЕЛИ?

За нас секако најважни ќе бидат натпреварите на Македонија која во последен момент доби покана да ја замени Чешка која што се повлече од Светското првенство поради голем број позитивни случаи во составот.

Покрај дуелите на нашата репрезентација, интересни за гледање ќе бидат и:

14.01 Норвешка - Франција 20:30
14.01 Португалија - Исланд 20:30
15.01 Шпанија - Бразил 18:00
18.01 Шведска - Египет 18:00
19.01 Хрватска - Катар 18:00
19.01 Германија - Унгарија 20:30
19.01 Данска - Аргентина 20:30

Натпреварите се во вечерни часови. Времето во Каиро е еден час по нашето време.

Во рамките на секоја фаза, натпреварите ќе се играат секојдневно, а меѓу фазите ќе има ден одмор: првата рунда (13-19 јануари), главна фаза (20-25 јануари), Претседателски Куп (20-25 јануари и 27 јануари), 1/4 финале (27 јануари), полуфинале (29 јануари), меч за трето место и финале (31 јануари).

КАДЕ СЕ ИГРА?

Натпреварите на Мундијалот ќе бидат распределени меѓу четири египетски арени. Три од нив беа изградени специјално за Светското и беа отворени минатата 2020-та.

Една од новите сали е „Борг ал Араб“ во која ќе играат Словенија, Русија, Белорусија и Јужна Кореја. Со напомена дека Русија поради казната од ВАДА ќе игра без знаме и химна.

Оваа сала е во Александрија, вториот по големина град во Египет. Се наоѓа на точно 35 километри од центарот на Александрија. Оваа сала има капацитет од 5.000 гледачи. Освен групата Х, салата „Борг ал Араб“ ќе организира и едно четвртфинале.

Втора Арена домаќин ќе биде салата „Каиро Индор Халс Комплекс“ во склоп на Карискиот стадион. Оваа сала е во рамките на фудбалскиот стадион. Иградена е во 1991 година а во 2015-та била реновинана во ракометен форум.

Уште една арена со богата биографија е онаа во која се играа натпревари од Светското 1999, Светското 1993 и Светското 2009, како и пет финалиња на Купот на Африка.

Прима 17.000 луѓе, така што може да замислиме каква атмосфера би имало да немаше забрана за гледачи поради глобалната пандемија. Во оваа сала ќе играат групите Д и Г, плус уште една група од главната фаза, две четвртфиналиња, полуфинален дуел и финалето.

Трета сала е „Новата престолна сала“. New Capital е фактички град поврзан до Каиро. Во оваа арена ќе играат групите Б и Ф, дел од Претседателскиот Куп, една група од главна фаза и едно четвртфинале. Овој комплекс поседува и базени, терени за пинг понг и кошарка и неговата изградба чинела 137 милиони долари. Ракометната сала собира 7.500 гледачи.

Четврта сала во која ќе се игра Мундијалот е онаа посветена на доктор Хасан Мустафа, со капацитет од 5.200 гледачи. Се наоѓа во градот по име 6 октомври, во чест на датумот на победата на Египет во арапско-израелската војна во 1973 година.

Овој град е своевидно предградие на Каиро, дел од провинцијата Гиза каде се наоѓаат познатите пирамиди и каде во септември лани се влечеше ждрепка за Светското.

Во „Доктор Хасан Мустафа“ ќе се играат групите А, Е како и дел од Претседателски Куп и групата 3 од главната фаза. 

КОЈ Е ФАВОРИТ А КОЈ АУТСАЈДЕР?

Коронавирусот и други проблеми исклучија неколку репрезентации од традиционалниот список на фаворити. Во прв ред Шведска која имаше многу проблеми со позитивни случаеви меѓу ракометарите. После се Германците кои останаа без речиси сите средни бекови (Хендрик Пекелер, Патрик Винчек и Фин Лемке), а ќе ги немаат уште и Штефан Вајнхолд, Јани Колбахер и Вардарецот Кристијан Дисингер.

Французите како да западнаа во системска криза за што сведочи и поразот од Србија во квалификациите за Евро 2022 пред неколку дена.

Данска, која е актуелен светски шампион, би можела да ја одбрани титулата, но без Рамус Лауге Шмид ќе биде комплицирано.

Шпанците, европски прваци и една од најстабилните селекции од Европа ќе одат на злато иако се без Хулен Агинагалде и Едуардо Гурбиндо.

Хрватска сигурно е сериозен кандидат за медал, особено што селекторот Лино Червар реши да оди со најсилен состав, со проверени сили меѓу кои ќе бидат и ровитите Игор Карачиќ и Марин Шего. „Коцкестите“ во Каиро отпатуваа со Чупиќ, со Пешиќ, Дувњак, Штрлек, Циндриќ, Маринковиќ... Единство ќе фали Лука Степанчиќ поради повреда.

Главен фаворит од сенка е Норвешка која секој пат е близу титула и порано или подоцна ќе се крачат на тронот. Останаа без Магнус Ред и Магнус Гулеруд но успеаа да го вратат Бјарте Мирхол.

Аутсајдери се селекциите на ДР Конго, Уругвај и секако Капе Верде, Мароко и Америка кои се испаднати „уште пред Светското да почне“.

Американците (прво Светско првенство во ракомет после 20 години, имаат 25 порази по ред на Мундијали) кои имаа дури 18 позитивни случаи на вирусот, решија да играат на Мундијалот по секоја цена. Во случај да не можат да настапат, на нивно место или на место на која било друга селекција која е оневозможена да игра, прв кандидат за пат во Египет е Македонија.