Селекторот Кире Лазаров пред натпреварот не ги сврсти Пешевски и Митревски во составот и од старт против светскиот првак почна со Самоил Ристевски.
Токму младиот пивотмен заработи исклучување во третата минута, а по воведното водство со голот на Митев, Данска направи пресврт и поведе. Во продолжение следуваше ред наши грешки, лесни голови на Питлик и Лауге Шмит и домаќинот замина на +3 во осмата минута. Најдобриот европски голман Нилсен беше несовладлив и во десеттата минута веќе беше 8-3.
По највисоката позитива на Скандинавците следеше нешто порамноправен тек на дуелот, Мартин Томовски одбрани зицер, а Серафимов со два гола ја сведе негативата на 12-8.
Токму десниот бек на Алкалоид беше автор на најубавиот гол во натпреварот, постигна атрактивен гол после цепелин за 13-9 на истек на 20-та минута. Подоцна Марко Стојковиќ постигна гол од линијата од шест метри во период на најдобра игра на Македонија, Николај Јакобсен повика минута одмор при 13-10. И покрај нашиот добар втор дел од полувремето, Данска ја одржа предноста и на одмор замина со 17-12.
Данците почнаа силно и на почеток од вториот дел и за пет минути веќе беше +8. Нашиот стручен штаб повика минута одмор во 38. минута при 22-15 за моќниот дански состав. Следеше ротација во двата табори, атрактивни потези и грешки, но преднота никако не се „топеше“. Во 44. минута, кога Лукас Јакобсен погоди на празна мрежа, Данска првпат дојде до двоцифрена предност (27-17).
Најтешкиот меч за Македонија помина, следен ривал е Португалија со која средбата е во недела со почеток од 18:00 часот.